СВЕТ

Преработката на какао ги надмина прогнозите, носејќи надеж за производителите на чоколадо

Преработката на какао во Европа и Азија ги надмина очекувањата со голема разлика во третото тримесечје, што укажува на можноста за посилно од очекуваното закрепнување на глобалната побарувачка по години на високи цени на чоколадото, пишува „Bloomberg“.

Во Европа, најголемиот регион во светот според потрошувачката на какао, количината на какаови зрна преработени во какаов путер и какао во прав се зголемила за 3,2 отсто во споредба со истиот период минатата година. Тоа е првото годишно зголемување во кое било тримесечје од 2024-та година наваму, покажуваат најновите податоци на Европската асоцијација за какао („European Cocoa Association“, ECA).

Во Азија била преработена поголема количина какао отколку во кое било друго тримесечје за кое постојат податоци од 2011-та година наваму. Преработката се зголемила за 29 отсто во споредба со истиот период минатата година, според Асоцијацијата за какао на Азија („Cocoa Association of Asia“, CAA).

Двата региона ги надминале сите прогнози во анкетата на „Bloomberg“, во која се предвидуваше намалување на побарувачката во Европа и помал раст во Азија. Значително зголемување е забележано и во други центри за преработка на какао, како што се Брегот на Слоновата Коска и Бразил.

„Пазарот веќе беше во нагорен тренд, а овие податоци дополнително ќе го зајакнат оптимизмот“, изјави Дарил Крист, виш потпретседател за суровини со кои се тргува на пазарот преку шалтер во „StoneX“. Тој додаде дека ризиците поврзани со временските услови и снабдувањето и натаму се главните фактори што го движат пазарот.

Фјучерсите на какаото во Њујорк во петокот ја завршија трговската сесија со раст од 1,7 отсто, бележејќи четврти последователен ден на поскапување.

Акциите на производителите на чоколадо, кои претходно годинава претрпеа остар пад поради стравувањата од долгорочно и значително намалување на побарувачката, исто така забележаа силен ценовен раст. „Lindt & Sprüngli“ и „Barry Callebaut“ ги остварија најголемите добивки во изминатите неколку месеци, во ден кога движењата на берзите во целина беа мешани.

По затворањето на пазарот беа објавени податоци според кои преработката на какао во Северна Америка се намалила за 2,5 отсто во споредба со истото тримесечје минатата година. Сепак, резултатите се под влијание на фактот што во анкетата учествувале две фабрики помалку.

Речиси 110.000 тони какаови зрна биле преработени во регионот, што е најголем обем во 2026-та година и малку повеќе од количината забележана во истиот период пред две години, кога во истражувањето учествувал ист број фабрики.

Податоците за преработката укажуваат дека побарувачката можеби закрепнува побрзо од очекуваното. Пониските цени на какаовите зрна ги охрабруваат производителите на чоколадо да го зголемат производството во Азија, епицентарот на растот на побарувачката за какао, како и да се вратат на вообичаените стапки на преработка во Европа и САД.

Истовремено, резултатите ја одразуваат и значителната загуба на побарувачката предизвикана од рекордно високите цени на какаото во 2024-та година. Тогаш производителите на чоколадо беа принудени да ги менуваат рецептите, додека потрошувачите, веќе изморени од инфлацијата, почнаа да се откажуваат од скапите слатки производи.

„Растот на преработката на какао во споредба со минатата година не изгледа толку импресивно ако се земат предвид падовите забележани во изминатите неколку години“, изјави Били Робертс, виш економист за храна и пијалаци во „CoBank“.

Главното прашање сега е дали преработувачите ќе можат да го одржат ова ниво на активност и во наредниот период. Цените на какаото и натаму се значително повисоки од историските просеци, поттикнати од растот во последните месеци поради стравувањата дека климатскиот феномен „Ел Нињо“ ќе ѝ наштети на жетвата во Западна Африка.

Некои од гигантите во кондиторската индустрија годинава забележаа и слаб раст на продажбата. Тоа ја зголемува можноста засилената активност во третото тримесечје тешко да се повтори на долг рок доколку продажбата на чоколадо не расте со слично темпо.

„Некои компании за чоколадо соопштуваат дека планираат да го обноват обемот на продажбата и да се фокусираат на негово зголемување“, изјави аналитичарот на „Rabobank. Ако тоа е навистина нивната намера, тогаш зголемената преработка на какао во Европа би можела да биде дел од подготовките за остварување на таа цел“, Оран ван Дорт.

Закрепнувањето веројатно е резултат и на подобрените профитни маржи на преработувачите, благодарение на пониските цени на какаото, како и на „постепеното“ подобрување на побарувачката, оцени Прјанка Сачдева, раководителка на одделот за истражување на пазарите во сингапурската компанија „Phillip Nova“.

„Клучното прашање сега е дали закрепнувањето ќе продолжи и во последното тримесечје или резултатите од третото тримесечје делумно се должат на надополнувањето на залихите и поволната споредба со минатата година“, додаде таа.