Стан, куќа, автомобил, заштеда во банка. Ова се работите на кои најчесто помислуваат наследниците кога починат член на семејството ќе остави имот зад себе. Но, што ако покојниот поседувал и акции во некоја македонска компанија, а неговите деца или сопругата воопшто не знаат за тоа? Дали акциите пропаѓаат, дали остануваат запишани на негово име или може да се наследат и подоцна да се продадат? Во Македонија постои јасна постапка за ваквите случаи, но за многу граѓани таа сè уште е непозната.
Акциите, исто како недвижниот имот, парите на банкарска сметка или другите сопственички права, можат да бидат предмет на наследување. Со смртта на сопственикот тие не исчезнуваат, ниту автоматски преминуваат во сопственост на државата или на компанијата што ги издала. Остануваат евидентирани сè додека не се спроведе соодветната постапка за пренос на наследниците.
Во Македонија евиденцијата на сопствениците на акции ја води Централниот депозитар за хартии од вредност. Токму преку оваа институција се спроведуваат промените на сопственоста, без разлика дали станува збор за купопродажба, подарок или наследство.
Според финансиските познавачи, важно е наследниците да прават разлика меѓу поседување акции и располагање со нив. Иако акциите влегуваат во оставината, за наследниците да бидат запишани како нови сопственици потребно е да ја завршат законската постапка.
Како да проверите дали починатиот имал акции?
Првиот чекор е проверка во Централниот депозитар. Наследниците можат да побараат податоци за состојбата на сметката на починатото лице, дури и ако претходно не знаеле во кои компании поседувало акции.
За добивање такви информации потребно е да се достави барање, копија од умреница и доказ за уплатен надоместок. Според објавените податоци на Депозитарот, надоместокот за издавање извод изнесува 295 денари. Барањето може да го поднесат наследниците или нотарот што ја води оставинската постапка.
Откако ќе се утврди дека починатиот поседувал акции, тие треба да бидат опфатени со оставинското решение. Со правосилното решение потоа може да се побара нивно префрлање на наследниците.
„За спроведување на нетрговски пренос на хартии од вредност врз основа на оставинско решение донесено од надлежен суд или нотар, до Депозитарот се доставува правосилна одлука, во оригинал или заверена копија“, се наведува во официјалните упатства на институцијата.
Потребен е и доказ за платен надоместок за преносот. Ако наследникот нема отворено сметка за хартии од вредност, мора да отвори таква сметка.
Што ако има повеќе наследници?
Кога еден родител ќе остави акции на две или три деца, распределбата се врши според оставинското решение. Но, тука понекогаш се појавуваат практични проблеми.
На пример, ако починатиот имал десет акции, а тие треба подеднакво да се поделат меѓу тројца наследници, поделбата не може да се изврши во цели броеви. Во таков случај наследниците можат да отворат сосопственичка сметка или со нотарски заверена изјава да се договорат за соодветна распределба.
„Нераспределените хартии од вредност остануваат на сметката на оставителот сè до доставување на потребната документација за другите наследници“, објаснуваат од Централниот депозитар.
Економските познавачи посочуваат дека наследувањето акции не значи и автоматска исплата на пари. Акцијата претставува сопственички удел во компанија, а не готовина што наследникот веднаш може да ја подигне.
Нејзината вредност зависи од компанијата, од побарувачката на пазарот и од тоа дали со конкретните акции воопшто се тргува. Доколку се работи за акции што котираат на берза, наследникот може да побара нивна продажба преку овластен посредник. Но, нема гаранција дека веднаш ќе се најде купувач или дека ќе се постигне очекуваната цена.
Акциите можат и да се задржат, а доколку компанијата исплаќа дивиденда и наследникот ги исполнува условите, тие можат да носат приход.
Постои и можност сопственикот уште додека е жив да ги пренесе акциите на друго лице преку договор за подарок. За ваков пренос важат посебни правила и документација, а примателот не мора да биде член на семејството.
Затоа, при средување на наследството, покрај имотниот лист и банкарските сметки, вреди да се провери и дали починатиот имал акции. Можеби станува збор за неколку хартии од вредност со мала вредност. А можеби за имот за кој никој во семејството не знаел дека постои.
Б.З.М.