По втор пат владата решава да ја прекројува државната каса за годинава. Ова не е стандардна процедура кога станува збор за приходите и расходите на државата во една календарска година. Имено, според информациите од Илинденска број 2 целта е да бидат завршени сите обврски на властите. За опозицијата пак, ова е уште една потврда дека состојбата со буџетот на државата е во катастрофална состојба. Првичните информации велат дека за над 80 милиони евра се намалуваат приходите, а со тоа и расходите на државата.
На владина седница донесена е одлука за нов ребаланс на буџетот. Првичните информации велат дека државната каса сега ќе тежи нешто над 6 милијарди ева или тоа е сумата која ја предвидуваат властите за приходната страна. За цели 86 милиони помалку е оваа проекција во однос на претходниот ребаланс на буџетот кој се усвои пред само неколку месеци. Новата прокција за расходната страна изнесува 6,8 милијарди евра. Моменталното ниво на проектираните расходи за 2026 година е 6,9 милијарди евра. Така, со овој нов ребаланс, планирано е кратење на расходната страна за 86 милиони евра.
Целта на предложените измени според министерството за финансии е да се одржи стабилноста на јавните финансии, да се обезбеди непречено и редовно функционирање на институциите, реализација на предвидените програми и навремено сервисирање на сите обврски.
„Со предложените измени се врши приспособување на приходната и расходната страна на Буџетот, како резултат на фискалното влијание од мерките што ги презеде Владата за поддршка на граѓаните и бизнисот, преку намалувањето на акцизата и ДДВ-то кај горивата“, велат од Владата.
Најавениот нов ребаланс на Буџетот, само два месеци по последниот, според партијата е показател за сериозни проблеми со државната каса и за неуспех на економските политики на Владата. Ова е првичната реакција од СДСМ. Од партијата тврдат дека буџетската дупка изнесува 900 милиони евра и дека Владата нема доволно средства за плати, пензии и тековните обврски. Според партијата, поради тоа ќе следуваат нови задолжувања.
Од СДСМ посочуваат дека Владата веќе се задолжила со нови 250 милиони евра за буџетските потреби до крајот на годината. Според нив, средствата не се наменети за враќање на стари кредити или за развојни инвестиции, туку за покривање на недостигот во државната каса.
„Тоа е резултатот од економските политики на Мицкоски: Буџет што се полни со кредити, додека граѓаните слушаат бајки за економски успеси. Мицкоски го зголеми долгот за 4 милијарди евра, само за две години. Половина од вкупниот долг на државата во изминатите 30 години“, велат од СДСМ.
Во периодот што следи владата ќе го испрати документот до собранието каде што ќе следи 15 дневна расправа за предлог ребалансот на буџетот, кој годинава се прави по втор пат.
И.П