МАКЕДОНИЈА

Плативте за патување, а не заминавте? Еве како да си ги вратите парите од туристичката агенција

Уплатен одмор, резервиран хотел, спакувани куфери, а патувањето пропаѓа во последен момент. Болест, семејни проблеми, промена на плановите или откажување од самата туристичка агенција. Причините можат да бидат различни, но прашањето што најмногу ги интересира граѓаните е исто: што се случува со парите? Во Македонија постојат правила според кои патниците можат да побараат враќање на уплатениот износ, но не секое откажување значи дека агенцијата е должна да ја врати целата сума.

Најважно е кој го откажал патувањето, кога е поднесено барањето и што пишува во договорот. Токму тука, според познавачите на туристичкото работење, настануваат најголемите недоразбирања меѓу патниците и агенциите.

Ако патувањето го откаже самата агенција пред предвидениот датум на поаѓање, патникот има право да побара враќање на парите или да прифати друг соодветен аранжман. Според правилата од Законот за туристичката дејност, кога агенцијата го откажува пакет-аранжманот, предвиден е поврат на целата уплатена сума во рок не подолг од 15 дена, со посебен исклучок за случаите на виша сила.

Тоа значи дека граѓаните не мора автоматски да прифатат понуда за друго летување, нов термин или ваучер за идно патување. Доколку постои законско право на поврат, можат да побараат пари наместо заменски аранжман.

Сосема поинаква е состојбата кога патникот самиот одлучува да не патува. Тогаш на сцена стапуваат отказните трошоци, кои зависат од условите на резервацијата и времето преостанато до поаѓањето.

Од Националната асоцијација на туристички агенции посочуваат дека патниците можат да се откажат од аранжманот, но мора да ја почитуваат постапката.

„Патникот може во секој момент да се откаже од патувањето, но отказот мора да биде доставен во писмена форма“, се наведува во објаснувањето на асоцијацијата.

Токму датумот на писменото откажување е важен за утврдување на евентуалните трошоци. Колку порано се откаже патувањето, толку се поголеми можностите да се избегнат повисоки пенали, зависно од договорените услови.

Особено внимание треба да се посвети на аранжманите купени по промотивни цени. Таканаречените „фрст минут“ и „ерли букинг“ понуди често содржат посебни ограничувања за враќање на средствата. Агенциите предупредуваат дека одредени промотивни резервации се неповратни при доброволно откажување, па затоа условите мора да се проверат уште пред уплатата.

Познавачите на потрошувачките права укажуваат дека болест, повреда или смртен случај во потесното семејство можат да бидат оправдани причини за откажување. Во такви ситуации, со соодветна документација, наместо вообичаените пенали може да се наплатат само реалните, неповратни трошоци што ги имала агенцијата.

Што ако агенцијата одбива да ги врати парите?

Првиот чекор е писмено барање до агенцијата, со наведена причина за откажувањето и приложени докази за уплатата. Потребно е да се зачуваат договорот, фискалната сметка, потврдата за резервација и целата електронска комуникација.

Доколку агенцијата одбива да го исполни договорот или неоправдано ги задржува средствата, граѓаните можат да поднесат претставка до Државниот пазарен инспекторат. Од Инспекторатот упатуваат граѓаните своите поплаки да ги доставуваат во писмена или електронска форма.

Важна е и разликата меѓу целосно неискористен аранжман и патување во кое не се добиени сите платени услуги. Ако хотелот не одговара на договореното, ако дел од програмата не е реализиран или ако недостигаат платени услуги, патникот може да бара намалување на цената и, кога постои основ, надомест на штета.

Во насоките за заштита на потрошувачите се нагласува: „Организаторот на патувањето одговара за штетата што ќе му ја причини на патникот поради целосно или делумно неизвршување на обврските“.

Економските познавачи советуваат посебно да се внимава и на осигурувањето од отказ на патување. Таквата полиса, зависно од условите и покриените ризици, може да помогне кога одморот ќе пропадне поради непредвидена причина.

Затоа, пред да се уплати следното летување, вреди да се прочита и ситниот текст во договорот. Токму таму пишува колку од уплатените пари може да се вратат ако куферите на крајот останат дома.

Б.З.М.