Греењето на пелети, кое до пред неколку години важеше за едно од поекономичните решенија за македонските домаќинства, станува сè поскап избор.
Цените на пелетите во одредени продавници достигнаа речиси 400 денари за вреќа од 15 килограми, а семејствата што се греат на овој начин веќе ги прават пресметките за претстојните зимски месеци. За стан од стотина квадратни метри, месечниот трошок може да надмине 23.000 денари, под услов дневно да се трошат по две вреќи.
На македонскиот пазар веќе се среќаваат понуди од 379 и 399 денари за вреќа. Разликата во споредба со периодот кога пелетите можеа да се купат за околу 190 денари е огромна. Практично, за парите со кои порано се купувале две вреќи, денес едвај се купува една.
Пресметката најдобро покажува колку ова поскапување ги погодува домаќинствата. Семејство што троши по 30 килограми пелети дневно, односно две вреќи, при цена од 390 денари за вреќа троши 780 денари на ден. За еден месец од 30 дена, само за огрев треба да издвои 23.400 денари.
Пред поскапувањето, со истата потрошувачка и со цена од 190 денари за вреќа, месечниот трошок би изнесувал 11.400 денари. Тоа се дополнителни 12.000 денари што секој месец треба да се најдат во домашниот буџет.
Ако греењето со ова темпо трае пет месеци, вкупната сметка достигнува 117.000 денари. Во оваа сума не се пресметани потрошената електрична енергија, редовното сервисирање, чистењето и евентуалните поправки на печката.
Сепак, две вреќи дневно не се правило за секое домаќинство. Потрошувачката зависи од квадратурата, изолацијата, надворешните температури и квалитетот на самиот систем за греење.
Се продаваат и печките на пелети
На интернет-огласниците може да се најдат и понуди за продажба на печки и ќумбиња на пелети. Станува збор за уреди во кои сопствениците претходно вложиле значителни суми, очекувајќи дека ќе заштедат на греењето.
Причините за продажба не се секогаш исти. Некои сопственици менуваат систем за затоплување, други немаат потреба од постојната опрема, а високата цена на пелетите може да биде дополнителен мотив за откажување од овој начин на греење.
Иако огласите сами по себе не покажуваат колку граѓани се откажуваат од пелетите, нивната исплатливост сè почесто се доведува во прашање.
Познавачите на системите за греење посочуваат дека при споредување на различните начини на затоплување не треба да се гледа само цената на горивото. Важни се и почетната инвестиција, ефикасноста на уредот, топлинските загуби и трошоците за одржување.
Економската пресметка е особено неповолна за семејствата што имаат една плата или пониски месечни примања. Кога само греењето чини над 20.000 денари, на истата плата треба да се потпрат и сметките за струја, вода, храната и останатите секојдневни потреби.
Ќе поевтинат ли пелетите?
Меѓу трговците со огрев има очекувања дека пазарот би можел да се стабилизира во наредниот период. Еден од продавачите на пелети од Битола неодамна изрази надеж дека цените ќе почнат да се намалуваат.
„Мислам дека снабдувањето за идната сезона ќе се стабилизира, а цените ќе се намалат, бидејќи имаме такви циклични периоди“, изјави трговецот.
Но, тоа засега е очекување, а не гаранција дека огревот навистина ќе поевтини.
Во меѓувреме, купувачите можат да најдат различни цени во зависност од производителот, квалитетот, набавената количина и трошоците за испорака. Купувањето поголеми количини пред сезоната понекогаш е поевтино од набавката на поединечни вреќи во зима.
За домаќинствата што веќе имаат печки на пелети, изборот не е едноставен. Префрлувањето на друг систем бара нова инвестиција, а продолжувањето со постојниот значи купување огрев по сегашните цени.
Затоа, наместо само да пресметуваат колку пелети ќе им требаат за зимата, дел од граѓаните веќе имаат и друга пресметка: дали воопшто им се исплати да продолжат да се греат на нив.
Б.З.М.