МАКЕДОНИЈА

Парите во општинските каси се зголемуваат, но проектите за граѓаните се намалуваат!

Институтот за економски анализи Фајнанс Тинк спроведе истражување за буџетското извршување кое е еден од клучните показатели за капацитетот на општините кои треба да ги претворат планираните средства во јавни услуги и инвестиции.

Нивното истражување покажува дека, по четири последователни години на подобрување, во 2025 година се прекинува овој тренд, со намалување на реализацијата и на приходите и на расходите за околу 2 процентни поени. Податоците велат дека особено значаен е падот кај капиталните расходи, чија реализација се намали од 64.3% на 59.2%. Наодите се ставаат во поширок временски контекст преку споредба со претходните години, со цел да се согледаат промените во реализацијата на приходите и расходите. Посебно внимание се посветува на реализацијата на капиталните инвестиции, сопствените приходи и промените во среднорочното финансирање на општините. Целта според институтот е да се идентификуваат ограничувања, со фокус на промените во буџетското извршување и разликите меѓу единиците на општинските буџети и да се предложат насоки за подобро планирање, наплата на сопствените приходи и реализација на инвестициите.

Анализата на Институтот се заснова на  податоци од Министерството  за финансии за извршувањето  на  буџетите на општините во  периодот 2017 до 2025 година. За среднорочната перспективаа експертите користеле  проекции за трансферите до Единиците на локалната самоуправа од фискалните стратегии на Министерството за финансии за периодот 2022 – 2031.  Дополнително, се применува  кластерска анализа на 80  општини, врз основа на  реализацијата на вкупните  приходи, вкупните расходи  и капиталните расходи, при што општините се групираат во три кластери според сличностите во нивното буџетско извршување. Во  периодот година 2017–2024  реализацијата на општинските буџети бележи подобрување, од околу две третини од планираното во 2017 година до највисокото ниво во 2024 година 87% и 85% кај расходите.

„Во 2025 година трендот на подобрување на стапките на реализација се прекинува.  Реализацијата на приходите се намали на 84.6%, а на расходите на 83%, односно  за 2.0 п.п. помалку од 2024  година. Сепак, општинските  буџети продолжија  да растат во апсолутен износ. Реализираните приходи се зголемија од 50.2 на 56.1 милијарди денари, а  реализираните расходи од 49.5 на 55.1 милијарди денари. Оттука, пониската стапка на  реализација не укажува на пад на остварените приходи и расходи, туку првенствено на побрз раст на планираните износи во однос на нивното извршување. Ова упатува на потреба од пореално буџетско планирање, особено кај развојниот дел од буџетите, каде што преценетите планови може да резултираат со пониска реализација. Дополнително, 2025 година беше изборна година, што може да има влијание врз динамиката на реализација на дел од планираните проекти и капиталните расходи“, се наведува во анализата на Finance Think.

Во анализата се наведува и дека реализацијата на приходите и расходите значително се разликува меѓу општините. Кај приходите, опсегот се движи од 98.3% во Желино до 59.5% во Дојран, при што консолидираната реализација на вкупните приходи на локалните самоуправи изнесува 84.6%. Според наодите, кај најголем дел од општините, реализацијата на приходите и расходите е релативно блиска, што укажува дека општините главно трошат во рамките на средствата што ги реализираат. Сепак, кај одредени општини се забележуваат значителни отстапувања меѓу приходите и расходите.

„Најизразена е разликата кај Општина Илинден, каде приходите се реализирани со 98.2%, а расходите со 85.1%. Значителен јаз има и кај  општините Конче (85.2% наспроти 74.2%), Свети Николе (92.6% наспроти 82.5%), Лозово(73.9%  наспроти 66.6%) и Дебар (94.6% наспроти 88.9%), каде реализацијата на приходите е значително повисока од реализацијата на расходите, што укажува дека кај овие општини дел од обезбедените средства останале непотрошени во текот на годината. На другиот крај се општините со ниска реализација и на приходите и на расходите, како Дојран (59.5% и кај двете), Чучер  Сандево (61.9% и 58.9%) и  Демир Капија (70.6% и 68.1%), кај кои се забележува потреализација на приходната страна.’ Стои во анализата на Finance Think.

Податоците велат дека реализацијата на општинските расходи во 2025 година значително се разликува меѓу расходните категории. Највисока останува реализацијата на отплатата на главнината и на платите и надоместоците, со 98.2% и 98%, соодветно. Кај субвенциите и трансферите реализацијата е 86.6%, а кај социјалните бенефиции 82.3%. Кога ќе се спореди со 2024 година, половина од реализацијата особено кај капиталните расходи, каде што падот изнесува 5.1 процентни поени, од 64.3% на 59.2%. Планираните капитални расходи пораснале  од 12.8 на 16.8 милијарди денари, но реализацијата порасна значително помалку, од 8.25 на 9.96 милијарди денари.

„Повеќе планирани средства не се претворија во поголема соодветно реализација, што укажува на потреба од пореално и поизводливо планирање на капиталните инвестиции. Кај најголем дел од општините капиталните расходи се реализираат во помал обем од вкупните, но јазот меѓу двете стапки варира од општина до општина, при што реализацијата на капиталните расходи се движи од 97.9% кај Желино до 21.5% кај Чучер Сандево. На горниот дел се општините со висока реализација и на вкупните и на капиталните расходи, меѓу кои може да се Желино, Студеничани, Градско, Гевгелија и Сопиште. Кај дел од нив разликата меѓу двете стапки е мала, што укажува на порамномерно извршување на тековниот и на инвестициониот дел од буџетот. Кај значителен број општини, сепак, јазот е голем, при што најизразен е кај Старо Нагоричане, со јаз од 56.5 п.п., потоа кај Шуто Оризари, со 45.9, Боговиње, со 45, Ресен, со 43.7 и Пробиштип, со 42.1 п.п.“, стои во анализата на Finance Think.

Експертите на крајот на анализата констатираат дека, во 2025 година, по четири години подобрување, буџетската на реализација општините забави, иако приходите и расходите продолжија да растат. Реализираните приходи и расходи пораснале на 56.1 и 55.1 милијарди денари, но планираните приходи се зголемија уште побрзо, на 66.3 милијарди денари. Како резултат, реализацијата падна од 86.5% на 84.6% кај приходите и од 85.3% на 83.0% кај расходите. Тоа што загрижува е јазот помеѓу планот и реализацијата кај капиталните инвестиции. Иако реализираните капитални расходи пораснале, планираните инвестиции растеа значително побрзо, со што се зголемил јазот меѓу планираното и реализираното и стапката на реализација паднала на 59.2%. Трансферите од централната власт достигнаа 68% од консолидираните приходи, наспроти 66% во 2024 година. Сопствените приходи растат побавно, при што значаен дел од растот доаѓа од продажбата на земјиште, кој е непостојан извор на приходи. Ова укажува на потребата од поефикасна наплата на сопствените приходи, особено на данокот на имот.

И.П