Комерцијална банка АД Скопје, со пазарна капитализација од околу 985 милиони долари, е највредната јавно котирана компанија во Македонија, според анализата на најголемите компании во 42 европски земји.
Анализата на „Visual Capitalist“ покажува кои се највредните јавно котирани компании во европските земји, врз основа на нивната пазарна капитализација на 29 септември 2026 година. Македонија е претставена на таа мапа од „Комерцијална банка“, чија пазарна вредност се проценува на околу 985 милиони долари. Комерцијална банка е класифицирана во банкарскиот сектор, а Македонија е рангирана на 39-то место меѓу 42-те набљудувани европски земји кога се споредува вредноста на најголемата компанија во секоја земја. Зад Македонија се Молдавија, Црна Гора и Латвија.
Во Србија, највредната јавно котирана компанија е NIS, со пазарна капитализација од околу 1,13 милијарди долари, во Босна и Херцеговина, првото место го зазема UniCredit Bank, вредна околу 1,14 милијарди долари, додека во Црна Гора највредна е EPCG, со пазарна капитализација од околу 680 милиони долари.
Разликата е значително поголема кога Македонија се споредува со Хрватска и Словенија. Највредна компанија во Хрватска е Zagrebačka banka, со капитализација од околу 8,5 милијарди долари, додека словенечката фармацевтска компанија Krka вреди околу 8,96 милијарди долари. Ова значи дека Zagrebačka banka вреди повеќе од 8 пати, а Крка повеќе од 9 пати, од Комерцијална банка.
Највредна компанија во Европа е холандскиот технолошки гигант ASML, чија пазарна капитализација е околу 670 милијарди долари.
Меѓу европските корпоративни гиганти се швајцарскиот Roche и британскиот HSBC, со вредност од околу 342 милијарди долари, германскиот Siemens со околу 246 милијарди, францускиот L’Oréal со приближно 230 милијарди и шпанскиот Santander со околу 205 милијарди долари.
Банките и енергетиката доминираат на европската мапа
Листата, исто така, ја покажува големата секторска разновидност на европските економии. Додека најголемите компании во некои земји доаѓаат од технологијата, фармацијата и индустријата, во голем број земји водечките позиции ги заземаат банките и енергетските компании. Финансискиот сектор е најголемата компанија во 18 од 42 анализирани земји, додека енергетиката и комуналните услуги водат уште десет национални пазари.