ТЕХНОЛОГИЈА

Ова може да е првиот знак дека телефонот ви е хакиран!

Денес речиси целиот живот го водиме преку паметниот телефон – од комуникацијата и социјалните мрежи, до службената електронска пошта и управувањето со финансиите.

Експерт за сајбер-безбедност предупредува на еден знак кај паметните телефони кој би можел да укажува дека уредот е хакиран. Токму зависноста од мобилните телефони нè прави ранливи на измамници кои на различни начини се обидуваат да ни ги испразнат банкарските сметки, пишува „UNILAD“.

Доволен може да биде само еден повик што предизвикува паника или порака со наводна казна за патарина за некој да се обиде да ви ги украде парите.

Според едно истражување, дури 53,35 милиони жители на САД биле жртви на сајбер-криминал во првата половина од 2022-ра година. Во Велика Британија, пак, истражување покажало дека 41 отсто од потрошувачите доживеале мобилна измама, злонамерен софтвер или сајбер-напад – директно или индиректно.

И покрај сè поголемата свест за софистицираните начини на измама, и понатаму можеме да станеме жртви без воопшто да забележиме дека нешто не е во ред.

Експертот за сајбер-безбедност Акаш Махаджан, основач и директор на компанијата „Kloudle“, како еден од најсигурните рани знаци дека паметниот телефон е компромитиран го издвојува неочекувано брзото празнење на батеријата.

„За разлика од компјутерите, паметните телефони ретко покажуваат очигледни знаци дека се компромитирани сè додека не настане значителна штета“, објаснува Махаджан.

Ако батеријата почне да се празни многу побрзо од вообичаено, без да сте го промениле начинот на користење на телефонот, тоа може да биде причина за загриженост.

„Празнењето на батеријата е еден од ретките рани предупредувачки знаци што им се достапни на просечните корисници“, вели Махаджан.

Злонамерниот софтвер често работи незабележливо во заднина – испраќа податоци до оддалечени сервери, ја следи активноста на корисникот или ја користи процесорската моќ на уредот. Сето тоа троши дополнителна енергија.

„Ако целосно наполнет мобилен телефон одеднаш почне да се празни значително побрзо, без промени во начинот на користење, тоа е силен знак дека во заднина можеби работи злонамерен софтвер“, предупредува Махаджан.

За корисниците кои се сомневаат дека нивниот уред е компромитиран, Махаджан препорачува пет чекори.

1. Веднаш исклучете го уредот од мрежите

Вклучете режим „авион“ и исклучете ги „Wi-Fi“ и „Bluetooth“. На овој начин се прекинува комуникацијата меѓу уредот и потенцијалните напаѓачи.

2. Направете безбедносно скенирање

Преземете доверлива апликација за мобилна безбедност од официјалната продавница – „Google Play“ или „Apple App Store“, и направете целосно скенирање на системот.

3. Променете ги сите важни лозинки

Користејќи друг, безбеден уред, променете ги лозинките за електронската пошта, банкарските апликации, социјалните мрежи и другите важни услуги.

Користете силни и единствени лозинки и овозможете двофакторска автентикација каде што е достапна.

4. Ажурирајте го и исчистете го уредот

Ажурирајте го оперативниот систем на најновата верзија, бидејќи ажурирањата често содржат безбедносни исправки.

Избришете ги сомнителните апликации и укинете ги непотребните дозволи, особено оние што овозможуваат пристап до контактите, камерата и локацијата.

5. Пријавете го инцидентот

Сериозните случаи на сајбер-криминал треба да се пријават кај надлежните институции.

Ако станува збор за финансиска измама, веднаш контактирајте ја банката, која може да активира посебни протоколи за вакви случаи.