Некогаш купувањето облека од втора рака се поврзуваше со оние што немаат доволно пари за нова гардероба. Денес сликата е поинаква.
Во бутиците со користена облека влегуваат и млади и повозрасни, луѓе што сакаат да заштедат, но и такви што бараат нешто поразлично од она што се продава во големите трговски центри.
За едни е прашање на домашниот буџет, за други начин да дојдат до брендирана облека без да платат цело богатство.
На закачалките може да се најде сè, од обични маици и фармерки до зимски палта, кожени јакни, кошули и фустани. Некои парчиња се видно носени, други изгледаат речиси како нови.
Се случува да се најде и облека со оригинална етикета, која од различни причини никогаш не била облечена.
Купувањето, сепак, бара трпение. За разлика од класичните бутици, каде што ист модел најчесто се нуди во повеќе големини, тука изборот е ограничен. Ако ви се допадне некоја јакна, а не ви одговара бројот, големи се шансите дека нема да најдете друга.
Токму затоа редовните купувачи знаат дека во ваквите продавници не се оди секогаш со однапред подготвен список. Некогаш ќе излезете со празни раце, а некогаш ќе најдете парче какво што одамна сте барале.
Економистите го поврзуваат интересот за користена облека со потребата потрошувачите да добијат поголема вредност за парите што ги трошат. Кога значителен дел од семејниот буџет оди за храна, сметки и други основни потреби, купувањето нова гардероба лесно паѓа на листата на приоритети.
Но, пониската цена повеќе не е единствената причина.
Истражување спроведено во соработка со платформа за препродажба на луксузна облека, покажува дека речиси 80 проценти од анкетираните ја посочиле пристапната цена како една од главните причини за купување користена облека.
Околу 55 проценти особено ги привлекуваат разновидноста и уникатните парчиња. Истражувањето опфатило 7.800 корисници на платформата, па резултатите не може директно да се пресликаат врз сите купувачи.
„Пазарот на користена облека веќе не е експеримент, туку важен дел од модната индустрија“, оценува еден од консултантите што учествувале во анализата, посочувајќи дека препродажбата станува значаен канал за привлекување нови потрошувачи.
Во Македонија ваквото купување има и своја практична страна. Наместо целата сума да ја потрошат на едно ново парче, граѓаните можат да го распределат буџетот на повеќе работи. Особено кога треба да се обнови гардеробата за целото семејство.
Сепак, не секоја облека од втора рака е добра зделка. Важно е да се проверат шевовите, патентите, поставата, копчињата и состојбата на материјалот. Кај обувките треба дополнително да се внимава на ѓонот и внатрешноста, бидејќи надворешниот изглед не секогаш покажува колку биле користени.
Посебна приказна се старите модели што веќе ги нема во редовна продажба. Кожена јакна од поранешна колекција, капут со необичен крој или фармерки од бренд што одамна го променил дизајнот. За љубителите на модата токму ваквите парчиња се причина повторно да се вратат во продавницата.
Користената облека често се претставува и како поеколошки избор. Со повторното носење се продолжува животниот век на производот, но истражувачите предупредуваат дека тоа не значи автоматски и помала потрошувачка.
„Нашето истражување дава силни докази дека пазарите за користена облека придонесуваат за циклус на прекумерна потрошувачка“, предупредуваат истражувачите.
Истражувањето покажало дека дел од луѓето што често купуваат користена облека истовремено купуваат и многу нови парчиња.
А во самите бутици правилата остануваат едноставни. Треба да се пребара, да се проба и добро да се погледне што се купува. Најскапото парче не мора да биде најквалитетно, ниту најевтиното најисплатливо.
Некој ќе влезе по обична кошула, а ќе излезе со брендирано палто. Друг ќе бара со часови и нема да купи ништо. Таква е трговијата со облека од втора рака. Денес нема ништо посебно, утре можеби ќе пристигне токму она што го барате.
Б.З.М.