СВЕТ

Обидот на Русија да го замени доларот со кинескиот јуан доживеа неуспех

Под притисокот на секундарните санкции од САД, Русија практично се откажа од обидите да го замени доларот со кинескиот јуан. Ова ги открива тешкотиите со кои се соочуваат и други држави што бараат алтернатива за светската резервна валута, пишува „Bloomberg“.

Според најновите податоци на Централната банка на Русија, и покрај зголемената трговска размена со Кина, уделот на јуанот во плаќањата за рускиот извоз оваа година е преполовен и изнесува 22 отсто, во споредба со највисоките нивоа од средината на 2024-та година, кога САД го проширија опсегот на секундарните санкции. Во трговијата со Азија, Русија сега добива плаќања во рубљи за 69 отсто од својот извоз.

Обидот на Русија претставуваше невиден експеримент, кој на крајот ги покажа ограничувањата на амбицијата на кинескиот претседател Си Џинпинг да го претвори јуанот во „моќна валута“ за меѓународната трговија, финансиските пазари и резервите на централните банки. Сепак, кинеските официјални претставници јасно ставаат до знаење дека немаат намера јуанот да го претворат во замена за доларот, бидејќи Пекинг одржува строга контрола на капиталот за да ги регулира валутните текови.

Русија ја презеде оваа промена откако кинеските банки попуштија пред заканата од секундарни санкции на САД поради војната во Украина. Тоа ја покажа способноста на САД да ја наметнат својата политичка волја дури и врз втората по големина економија во светот, а истовремено ја потврди глобалната доминација на доларот.

Ова не го нарушува „пријателството без граници“ што Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин го прогласија неколку недели пред целосната руска инвазија врз Украина во 2022-ра година. Политичките врски меѓу двајцата лидери ќе бидат демонстрирани и следната недела, за време на нивната средба на форумот за Азиско-пацифичка економска соработка (АТЕС) во кинескиот град Шенжен. Таму е можно да се одржи и досега невидена трилатерална средба со учество на американскиот претседател Доналд Трамп.

Неуспешната јуанизација. Графикон: „Bloomberg“

Повлекувањето од јуанот им создава сè поголеми проблеми на руските компании при прекуграничните плаќања. Бидејќи не можат директно да вршат плаќања во кинеската валута, компаниите се принудени да користат посредници, трети држави и посложени шеми за трансфер на пари. Тоа ги прави трансакциите побавни, поскапи и помалку предвидливи.

Александар Ведјахин, прв заменик-претседател на управниот одбор на најголемата руска банка „Sberbank“, вели дека дури и откако Русија и Кина официјално преминале на трговија во националните валути, плаќањата и натаму се соочуваат со постојани нарушувања.

„Вообичаените банкарски плаќања драстично се намалија“, вели Александар Габуев, директор на Центарот „Карнеги“ за Русија и Евроазија.

Во потрага по јуанот

Руската економија со исклучителна брзина го прифати јуанот откако САД и нивните сојузници воведоа санкции поради војната во Украина. Уделот на кинеската валута во надворешната трговија на Русија порасна на речиси половина од вкупниот обем. Јуанот стана најтргувана валута на домашниот девизен пазар во Москва и го истисна доларот од банкарските депозити.

Банките го пренасочија кредитирањето од долари и евра кон јуани, пазарот на обврзници деноминирани во јуани забележа двоцифрен раст, а самата валута стана една од главните компоненти на резервите на руската централна банка.

Ова е дел од поширокиот тренд во кој многу држави се обидуваат да ја намалат зависноста од американскиот долар како одговор на трговските потреси предизвикани од американскиот претседател Доналд Трамп. Иако јуанот се смета за потенцијална алтернатива, и Кина останува силно зависна од финансискиот систем заснован на доларот.

Иако евентуалните чекори кон отворање на кинеските пазари веројатно ќе бидат умерени, последниот петгодишен план на земјата, со временска рамка до 2030-та година, предвидува поголема отвореност на капиталната сметка со цел да се поттикне интернационализацијата на валутата.

Според процените на „Bloomberg Economics“, Русија придонела со околу 30 отсто во растот на уделот на кинеската трговија што се плаќа во јуани од 2021-ва година наваму.

Причината е значителното зајакнување на деловните врски меѓу Русија и Кина, откако санкциите на Европската Унија практично ѝ го затворија пристапот на Русија до пазарот кој претходно беше нејзин најголем трговски партнер. Денес Кина е најголемиот трговски партнер на Русија и учествува со повеќе од една третина во нејзината надворешна трговија.

До средината на 2024-та година, Русија практично создаде дополнителен канал за меѓународна употреба на јуанот. Вредноста на рускиот извоз деноминиран во јуани постојано ја надминуваше вредноста на стоките што директно се извезуваа во Кина. Тоа значи дека и купувачите од други региони ѝ плаќале на Русија во кинеската валута.

На тој начин Русија значително придонесе за напорите на Пекинг да ја прошири улогата на јуанот надвор од границите на Кина. Во периодот кога неговата употреба беше на врвот, јуанот беше четврта најзастапена валута во меѓународните плаќања преку системот „SWIFT“, зад доларот, еврото и британската фунта.

Но, додека напредокот беше брз, пресвртот се случи уште побрзо. Рускиот бизнис западна во хаос откако во јуни 2024-та година САД значително ги проширија основите за воведување секундарни санкции врз финансиските институции и компаниите што соработуваат со Русија.

Плаќањата беа замрзнувани или одложувани со месеци, трансферите беа враќани, а најголемите кинески банки целосно ја прекинаа соработката со руските партнери.

Руската економија, која дотогаш веќе беше силно зависна од јуанот, се соочи со сериозен недостиг од странска валута. На крајот, Централната банка на Русија ги повика кредиторите да го ограничат одобрувањето кредити во јуани.

Сè уште постојат неколку канали за плаќање, но ниту еден не гарантира дека трансакцијата успешно ќе биде реализирана, предупредуваат компаниите што им помагаат на руските бизниси во трговијата со Кина.

Многу трансакции сега се реализираат преку платежни агенти, наместо директно преку банките. Овој пристап е посигурен, но истовремено и поскап.

Според податоците на „STT Logistics“, компанија за транспортни услуги, вкупните трошоци за прекугранични плаќања кон Кина во просек веќе изнесуваат од 15 до 20 отсто од вредноста на трансакцијата, вклучувајќи ги провизиите и надоместоците што ги наплатуваат посредниците.

Плаќања во јуани. Графикон „Bloomberg“.

Според пресметките на „Bloomberg“, употребата на јуанот од страна на Русија во трговијата со трети земји исто така бележи пад кон крајот на минатата година.

Податоците на „SWIFT“ покажуваат дека глобалниот удел на јуанот се вратил на нивото пред војната во Украина, при што кинеската валута паднала на петтото место и сега е зад јапонскиот јен.

Кинеските официјални претставници тврдат дека ова не ја прикажува целосната слика за глобалното присуство на јуанот, посочувајќи го значителниот раст на обемот на трансакции што се реализираат преку кинескиот платен систем „CIPS“.

Пан Гонгшенг, гувернер на Централната банка на Кина, во октомври изјави дека доколку се земат предвид домашниот платен систем на Кина и другите меѓубанкарски трансакции, уделот на јуанот во глобалните плаќања всушност би достигнал од 6 до 7 отсто.

Според Мартин Чорземпа, виш соработник во Институтот за меѓународна економија „Питерсон“, кој го анализирал движењето на употребата на јуанот во светот, растот на обемот на трансакции преку „CIPS“ не е доволен за да го објасни падот забележан кај „SWIFT“.

„Залетот за проширување на интернационализацијата на јуанот, поттикнат од санкциите против Русија, веќе ослабна“, оценува тој.