Новогодишна прошетка низ Виена, неколку дена во Рим, празничен шопинг во Милано или дочек на Новата година во некоја од европските метрополи. Желби има, но кога ќе се отворат страниците за резервација на авионски билети, многумина почнуваат да се премислуваат.
Предновогодишните патувања годинава се поскапи на голем број меѓународни линии, а за семејствата што планираат да отпатуваат неколку дена, авионските карти се само првиот трошок.
Особено незгодно е за оние што можат да земат одмор единствено во последната недела од декември. Токму тогаш побарувачката за патувања е најголема, а евтините билети за посакуваните термини потешко се наоѓаат.
Проверка на понудите за летови од Скопје покажува дека разликите меѓу одделни дестинации се значителни. На пример, за патување од Скопје до Милано на 28 декември, со враќање на 3 јануари, може да се најде повратна комбинација од околу 168 долари. За Лондон, пак, на одредени датуми во истиот празничен период се појавуваат и повратни билети од околу 76 долари.
Тоа покажува дека не се сите дестинации подеднакво скапи. Цената многу зависи од денот на поаѓање, датумот на враќање и авиокомпанијата. Понудите се менуваат, а најниските цени најчесто се однесуваат на основни тарифи, без дополнителни услуги.
Но, евтиниот билет не значи и евтино патување.
Ако се додаде поголем куфер, избор на седиште и превоз од аеродромот до хотелот, првично пресметаната сума лесно расте. Кај семејство со две деца, дури и релативно мала доплата по патник може значително да го зголеми вкупниот трошок.
Познавачите на туристичкиот пазар објаснуваат дека авионските компании користат системи преку кои цените се менуваат во зависност од побарувачката и расположливите седишта. Кога повеќе патници бараат билети за ист датум, поевтините тарифни категории постепено се распродаваат.
Поскапувањето на празничните летови не е карактеристично само за Македонија. Меѓународните анализи на авионските тарифи покажуваат дека за божикните и новогодишните патувања годинава се забележуваат повисоки цени во споредба со лани. На дел од пазарите зголемувањето достигнува двоцифрени проценти, а дополнителен притисок врз трошоците создаваат и цените на авионското гориво.
Економистите посочуваат дека при планирањето на вакви патувања треба да се земе предвид целиот семеен буџет, а не само рекламната цена на билетот.
За четиричлено семејство, на пример, повратни карти од по 150 евра значат 600 евра само за авионски превоз. Со четири ноќевања, храна, локален превоз и празнични активности, конечната сметка може да биде значително поголема.
Поради тоа, дел од патниците избираат пократки патувања, поевтини сместувања или датуми што не се совпаѓаат со самиот дочек на Новата година.
Стручњаците советуваат патниците да не се врзуваат исклучиво за еден датум.
„Не обидувајте се да го погодите совршениот момент“, советува една од специјалистките за туристички трендови, препорачувајќи резервација кога ќе се појави прифатлива цена и соодветен термин.
Друг познавач на туристичкиот пазар посочува дека колку порано се резервира патувањето, толку се поголеми шансите да се обезбедат посакуваните летови и тарифи.
За македонските патници изборот на дестинации годинава е релативно широк. Според зимскиот ред на летање на Агенцијата за цивилно воздухопловство, од скопскиот аеродром се предвидени 41 линија, меѓу кои и до Виена, Рим, Милано, Прага, Будимпешта, Барселона и Лондон.
Сепак, поголемиот избор не гарантира дека секој ќе најде евтин билет токму за датумите што му одговараат.
Особено треба да се внимава и на повратниот лет. Понекогаш заминувањето е евтино, но враќањето на 2 или 3 јануари чини значително повеќе. Токму затоа патниците сè почесто ги споредуваат цените за неколку соседни датуми пред да резервираат.
За оние што располагаат со ограничен буџет, новогодишното патување ќе бара повеќе пресметување. Некој ќе го скрати престојот за една ноќ, друг ќе избере поевтин град, а трет ќе го помести патувањето за по празниците.
Бидејќи едно е да се најде евтин билет до европска метропола, а сосема друго е целото семејство да се врати дома без сериозно да го испразни паричникот.
Б.З.М.