ТЕХНОЛОГИЈА

Нова опција на „Facebook“: Самите кажете што сакате да гледате

„Facebook“ воведува функција што им овозможува на корисниците со сопствени зборови да одредат каква содржина сакаат почесто или поретко да гледаат во објавите.

Новата опција „Your Algorithm“ („Вашиот алгоритам“) им овозможува на корисниците директно да влијаат врз алгоритмот што препорачува содржини, наместо целосно да се потпираат на автоматските препораки на платформата, соопшти компанијата „Meta“.

Корисниците можат со едноставни зборови да ги опишат своите интереси и желби, а промените веднаш се одразуваат врз содржините што им се препорачуваат.

Истовремено, „Meta“ го унапреди менито што се отвора со кликнување на трите точки покрај објавата, за корисниците полесно да ги приспособуваат своите преференции.

Преку ова мени, тие можат да пристапат до опцијата „Your Algorithm“ („Вашиот алгоритам“) или да изберат дали одредена содржина им се допаѓа или не.

Платформата може да поставува и дополнителни прашања за подобро да разбере какви содржини корисникот сака да гледа почесто, а какви поретко.

Воведувањето на новата функција е дел од пошироките напори на „Meta“ да им овозможи на корисниците поголема контрола врз содржините што им се прикажуваат, наведува компанијата со седиште во Менло Парк.