„NexPhone“, кој поддржува „Android“, „Linux“ и „Windows“, нема да стигне до купувачите пред март 2027-ма година.
Компанијата „Nex Computer“ првично најави дека испораките ќе започнат во третиот квартал од 2026-та година, но основачот и извршен директор Емре Космаз потврди дека повторно има одложување поради проблеми со антените и куќиштето на уредот.
Телефонот беше претставен на почетокот на годината како необичен модел со можност за подигнување повеќе оперативни системи, кој поддржува „Android“, „Debian Linux“ и „Windows 11 on Arm“. Почетната цена во претпродажбата изнесуваше 549 долари, додека новите резервации сега почнуваат од 599 долари. Купувачите што претходно го резервирале уредот ќе ја задржат цената по која ја направиле резервацијата.
Главниот проблем во моментов се антените. „NexPhone“ функционирал добро во средниот и повисокиот фреквенциски опсег, но поддршката за понискиот спектар бара дополнителна работа. Инженерите утврдиле дека пречки се појавуваат во областа околу USB-приклучокот, поради што било неопходно да се измени куќиштето и антенските плочки, да се изработат нови прототипови и повторно да се спроведат тестирања. Дополнително одложување предизвикале и празниците по повод кинеската Нова година.
„NexPhone“ – проблеми со куќиштето и раст на цените на меморијата
Компликациите не завршиле со антените. Кај првите серии обликувани куќишта биле забележани нерамномерни споеви, проблеми со текстурата и недоволна прецизност при вклопувањето на помалите делови. Усогласувањето на куќиштето, копчињата и капакот на лежиштето за SIM-картичката меѓу различните добавувачи барало неколку дополнителни измени.
Компанијата, притоа, нема надворешни инвеститори, па секој нов развоен циклус претставува дополнителен финансиски товар.
Развојот на софтверот, сепак, не е запрен. Тест-уредите „NexPhone“ сега работат со „Android 17“, иако телефонот сè уште треба да помине низ процесите на валидација и сертификација.
Компанијата го унапредила и десктоп-режимот на „Android“, кој се активира со поврзување на телефонот со надворешен екран. Тој сега поддржува работа со вистински датотеки и папки, наместо само со кратенки, како и функција „Recycle Bin“ за избришаните датотеки. Во развој е и „File Drawer“, управувач со датотеки со два панели.
„Debian Linux“ работи во рамките на оперативниот систем „Android“ како апликација, додека за „Windows 11“ сè уште се развиваат драјвери со цел хардверската поддршка да биде што е можно поцелосна при директно стартување на оперативниот систем.
„NexPhone“ ја користи платформата Qualcomm QCM6490, има 12 GB RAM и 256 GB простор за складирање податоци. Опремен е со екран со дијагонала од 6,58 инчи и стапка на освежување од 120 Hz, како и главна камера Sony IMX787 со резолуција од 64 мегапиксели. Во пакувањето ќе биде вклучен и USB-C-хаб.
Конечната малопродажна цена би можела да надмине 599 долари, бидејќи растот на цените на меморијата дополнително ја отежнува процената на производствените трошоци. Компанијата ќе ја објави конечната цена кога ќе ги утврди овие трошоци, пишува „Gizmochina“.