КОМПАНИИ

„Netflix“ објави силни резултати, но прогнозите за рекламите и приходите ги загрижија инвеститорите

Компанијата за стриминг „Netflix“ оствари добивка во третото тримесечје над очекувањата на аналитичарите, додека приходите беа во согласност со прогнозите. Сепак, вниманието на инвеститорите на „Wall Street“ беше насочено кон показателите за ангажираноста на гледачите и приходите од реклами, објави „CNBC“.

„Netflix“ објави добивка од 87 центи по акција, над очекуваните 82 центи што ги прогнозираа аналитичарите. Приходите на компанијата достигнаа 12,87 милијарди долари, колку што предвидуваа и учесниците во анкетата на „LSEG“.

Приходите на компанијата за видео стриминг биле речиси 12 отсто повисоки во споредба со истиот период минатата година. Растот бил поттикнат од зголемувањето на бројот на претплатници и од повисоките цени на претплатите, кои стапија во сила во март, соопшти компанијата.

Од „Netflix“ наведуваат дека реакцијата на корисниците на поскапувањето била во согласност со реакциите при претходните промени на цените и со очекувањата на компанијата.

Нето-добивката во третото тримесечје достигнала 3,66 милијарди долари, наспроти 2,55 милијарди долари, односно 59 центи по акција, во истиот период минатата година. Компанијата објасни дека годишниот раст на добивката делумно се должи и на распоредот на трошоците.

За четвртото тримесечје „Netflix“ очекува приходите да пораснат за повеќе од 11 отсто, на 13,44 милијарди долари. Како главни двигатели на растот се наведуваат зголемувањето на бројот на претплатници, повисоките цени и приходите од реклами.

Компанијата ја стесни прогнозата за целата 2026-та година и сега очекува приходите да достигнат 51,1 милијарда долари, што би претставувало раст од 13 отсто во однос на претходната година.

Новата прогноза е на долната граница од претходно најавениот распон од 51 до 51,4 милијарди долари. Таа е и под очекувањата на „Wall Street“, каде што аналитичарите прогнозираа годишни приходи од 51,2 милијарди долари, покажуваат податоците на „LSEG“.

Акциите на „Netflix“ паднаа за околу шест отсто во тргувањето по затворањето на редовната берзанска сесија во вторникот.

Инвеститорите бараат појасна стратегија

Инвеститорите очекуваат компанијата да открие повеќе детали за својата стратегија по неодамнешните организациски промени и проблеми, меѓу кои се споменуваат стагнацијата на бројот на гледачи и засилената конкуренција од компании како „YouTube“.

„Во услови на силна конкуренција и експлозивен раст на содржините што се борат за вниманието на корисниците, од клучно значење се јасната стратегија и нејзиното беспрекорно спроведување“, наведува компанијата во писмото до акционерите.

„Во третото тримесечје добро се справивме со сите три приоритети, но гледаме можност за уште подобри резултати преку фокусирано и континуирано подобрување“, се наведува во писмото.

Минатата недела „Netflix“ соопшти дека ќе укине околу шест отсто од работните места, односно приближно 1.000 работни места. Компанијата истовремено објави дека Бела Баџарија ја напушта функцијата главен директор за содржини.

Во вторникот компанијата соопшти дека очекува овие кратења да влијаат врз резултатите во четвртото тримесечје. Се предвидува негативно влијание врз оперативната маржа од околу 120 базични поени.

Поранешниот раководител во „Disney“, Питер Рајс, беше назначен за нов главен директор за комерцијални активности. Сепак, засега не е јасно како тој ќе одговори на загриженоста поради намалувањето на вкупниот број часови во кои корисниците гледаат содржини.

Во писмото до акционерите „Netflix“ признава дека знае за загриженоста на инвеститорите околу растот на времето поминато во гледање содржини.

„Знаеме дека инвеститорите се загрижени за растот на бројот на часови гледање содржини“, наведува компанијата, но додава дека „ангажираноста, која ги опфаќа количеството, квалитетот и разновидноста на гледаните содржини, останува стабилна“ и дека продолжува да им нуди значителна вредност на претплатниците.

Компанијата сака да го забрза растот на бројот на часови гледање содржини преку стратегија со три главни столба: да понуди повеќе забава за претплатниците, да ги искористи технологиите за подобрување на сите аспекти на услугата и да ја унапреди монетизацијата, односно претворањето на ангажираноста на корисниците во приходи.