МАКЕДОНИЈА

Не мора да излегувате од дома за добра масажа – цената зависи и од тоа каде живеете

Уморни сте од работа, ве боли грбот, вратот ви е вкочанет, а последно што ви паѓа на памет е да излезете од дома и да возите низ градот за да стигнете на масажа. Нема проблем. Сега можете да го повикате масерот кај вас. Со преносен кревет, масла и потребната опрема, третманот се организира во дневната или во спалната соба. Вие само треба да обезбедите малку простор и еден слободен час.

Масажата на домашна адреса е услуга што веќе може да се најде и во Скопје. Дел од физиотерапевтите и масерите нудат посети во домовите, а закажувањето најчесто се прави телефонски или преку социјалните мрежи.

Но, колку чини ова задоволство?

Според јавно достапните ценовници на скопските студија, еден час релакс масажа чини од околу 1.500 до 1.800 денари, додека спортските и медицинските масажи најчесто се поскапи. Кај одредени специјализирани третмани цената надминува и 2.000 денари. Ова се цени за третмани во студија, а не нужно за домашни посети.

Кај масажите на домашна адреса пресметката може да биде поинаква. Покрај самиот третман, во цената може да влезат и трошоците за превоз, носењето опрема и времето што масерот го троши за да пристигне кај клиентот.

Дека вакви услуги постојат потврдуваат и понудите на физиотерапевтски студија што овозможуваат домашни посети.

„Да. Доаѓам директно кај вас, комплетно опремен со преносен кревет, медицински масла и апарати“, стои во една од јавно објавените понуди на скопски физиотерапевт.

Најголемата предност за клиентите е што не мора никаде да одат. Особено за луѓето што работат по цел ден, родителите со мали деца или повозрасните граѓани на кои им претставува проблем излегувањето од дома.

Постапката е едноставна. Се договара термин, се избира видот на масажата и се кажува адресата. Масерот пристигнува со опремата, го поставува креветот и го подготвува просторот. По завршувањето го собира приборот и си заминува.

Од економски аспект, ваквиот начин на работа има свои предности, но и дополнителни трошоци. Масерот што работи на терен може да заштеди на закуп на деловен простор, но истовремено троши гориво и време меѓу две закажани посети.

Економската пресметка зависи и од бројот на клиенти. Доколку еден масер има неколку термини во ист дел од градот, трошоците за превоз се помали. Но, ако треба да патува од еден до друг крај на Скопје, само за еден третман, тоа може да ја зголеми цената на услугата.

Разлика постои и меѓу видовите масажа. Релакс масажата е наменета за опуштање, спортската подразбира поинтензивна работа со мускулите, додека медицинските третмани бараат соодветна стручна подготовка и процена на состојбата на клиентот.

Токму затоа, пред закажувањето треба да се провери дали во договорената цена се вклучени превозот, опремата и целиот третман, како и дали лицето има соодветни квалификации.

А за оние што сакаат масажа, но не сакаат да го напуштат домот, останува наједноставната варијанта. Телефонски повик, договорен термин и масер пред врата. Без возење, без барање паркинг и без враќање низ сообраќајниот метеж.

Б.З.М.