Управата за јавни приходи ги презентираше податоците за доходот на граѓаните во 2025 година, кои покажуваат не само колку доход е остварен и колкав данок е пресметан, туку и од кои извори доаѓа доходот, како е распределен и што ни кажува тоа за економската активност и даночниот систем.
Најновите детални податоци од Управата за јавни приходи (УЈП) за доходот на граѓаните откриваат дека во земјата е регистриран сериозен раст на бројот на даночни обврзници, но и промени во однесувањето на најкрупниот капитал.
За изминатата доходовна година, УЈП подготви претпополнети пријави за 863 илјади граѓани, кои заедно оствариле бруто-доход од 612,9 милијарди денари. Од оваа сума, во државната каса се слеале 39,8 милијарди денари по основ на данок на личен доход. Иако законската даночна стапка е закована на 10%, ефективната стапка што државата успеала да ја наплати изнесува само 6,5%, што се должи на бројните олеснувања и прилагодувања кај специфичните видови приходи.
Највпечатливиот пресврт се случува на самиот врв на економската пирамида. Групата на екстремно богати граѓани, оние кои заработуваат над 100 милиони денари годишно бележи пад. Бројот на овие економски гиганти се намалил од 42 на 31 лице, а нивниот вкупен концентриран доход паднал на 4,973 милијарди денари (наспроти 6,753 милијарди претходната година).
За сметка на тоа, даночниот опфат е значително проширен. Во споредба со 2024 година, бројот на граѓани што оствариле оданочив доход е зголемен за 82.702 лица. Ова е позитивен показател за поширокиот опфат на доходот во даночната евиденција. Вкупниот бруто-доход и пресметаниот данок се повисоки за околу 14%.
Околу две третини од вкупниот бруто-доход во 2025 година произлегуваат од плати. Пензиите учествуваат со 9,5%, а другите лични примања од работа со 8,2%. Доходот од земјоделски производи и од дивиденди и друг доход од капитал учествува со нешто помалку од 5%, додека добивките од игрите на среќа, закупнините и другите доходи учествуваат со околу 2%. Остантите категории доход, како на пр.доход од самостојна дејност, имаат многу мало учество, под 1%.
Плата оствариле околу 596 илјади граѓани, доход од самостојна дејност оствариле 15 илјади, а од продажба на сопствени земјоделски производи – 49 илјади граѓани. Дивиденди се исплатени на 33 илјади лица, а 145 илјади оствариле друг доход, категорија во која влегуваат и доходи од продажба на цврст отпад, електронска трговија и други оданочиви извори. Околу 33 илјади лица оствариле доход од закупнини, а 114 илјади биле добитници од игри на среќа. Капиталните добивки се ретки – две илјади лица, но неколку продажби на удели и хартии од вредност носат стотици милиони.
Оваа разновидност е важна: за правилно да ја разбереме даночната слика на еден граѓанин, не е доволно да го гледаме само неговиот доход од плата. Треба да ги земеме предвид и другите извори, како дивиденди, закупнини, капитални добивки и доход од самостојна дејност.
Скопје учествува со 36% во вкупниот број годишни даночни пријави, но со 43% во остварениот бруто-доход. Просечниот годишен доход по пријава во Скопје изнесува 846 илјади денари и е највисок меѓу регионите. Битолскиот регион, пак, има помал број граѓани кои оствариле оданочив доход во однос на Штип и Прилеп, но повисок просечен годишен доход по пријава, односно по граѓанин во однос на Штип и Прилеп. На долното ниво се наоѓаат тетовскиот и струмичкиот регион, со најмало учество и по број на граѓани кои пријавиле оданочив доход и по учеството во вкупниот бруто доход на национално ниво. Но, во сите региони има раст на бројот на граѓани со оданочив доход и на износот на доходот во споредба со 2024 година.
Интересни се и податоците за највисоките поединечни доходи. Највисоката годишна бруто-плата изнесува 139,1 милион денари, додека највисоката дивиденда е 252,6 милиони денари, а највисоката капитална добивка е 164,2 милиони денари. Највисокиот доход од самостојна дејност е 157,9 милиони денари.
Кога станува збор за вкупен доход од сите извори, највисокиот доход во 2025 година изнесува 257,5 милиони денари и го остварил граѓанин од Гевгелија преку плата, дивиденда и друг доход. Следува граѓанин од Охрид со 254,4 милиони денари.
Овие примери покажуваат зошто е важно различните извори на доход да се разгледуваат заедно, а не изолирано.
Од УЈП најавуваат дека овие податоци нема да служат само за статистички анализи. Преку вкрстување на овие бројки со имотните регистри, државата веќе ги таргетира оние кои трошат повеќе отколку што пријавуваат, ветувајќи поправична распределба на даночниот товар во иднина.