МАКЕДОНИЈА

На рафтот една цена, на касата друга: Колку треба да платите и кој е виновен за разликата?

На рафтот пишува 89 денари, а кога производот ќе помине на каса, цената одеднаш станува 119 денари. Купувачот се чуди, касиерката објаснува дека така покажува компјутерот, а зад него веќе се создала редица. Некој ќе побара објаснување, друг ќе премолчи и ќе плати. Ваквите ситуации не се непознати во македонските маркети, особено кога има попусти, промоции и чести промени на цените. Но, што вели законот и дали потрошувачот е должен да плати повеќе од она што го видел на полицата?

Според Законот за заштита на потрошувачите, трговците имаат обврска јасно, видливо и недвосмислено да ги означат цените на производите. Цената мора да биде поставена така што купувачот точно ќе знае колку треба да плати, без дополнителни пресметки и непријатни изненадувања на касата.

Тоа значи дека маркетот не смее да го доведува купувачот во заблуда со една цена на полицата, а друга при наплатата. Кога ќе се појави таква разлика, потрошувачот има основа да побара производот да му биде наплатен според јасно истакнатата понуда, а трговецот е должен да ја провери и отстрани неправилноста.

Од Државниот пазарен инспекторат и претходно укажуваа дека разликите меѓу истакнатите и наплатените цени се меѓу проблемите за кои граѓаните бараат интервенција.

„Често поставувани прашања и поплаки доаѓаат поради разлика на изложената цена и цената на каса“, посочија од Инспекторатот на еден од брифинзите посветени на заштитата на потрошувачите.

Грешката во компјутерот не е оправдување

Во практика, најчестото објаснување што купувачите го слушаат е дека цената била променета, но вработените не стигнале да ја заменат етикетата. Понекогаш станува збор за завршена акција, понекогаш за нов ценовник, а некогаш едноставно за пропуст при внесувањето на податоците.

Познавачите на трговијата објаснуваат дека во големите маркети, каде што секојдневно се менуваат цените на стотици производи, ваквите грешки можат да настанат поради неусогласеност меѓу системот за наплата и ознаките на полиците.

Сепак, причината за разликата не ја ослободува продавницата од законските обврски. Одговорноста за правилно означување на цените е кај трговецот, а не кај купувачот.

Економската страна на проблемот е едноставна. Потрошувачот одлучува дали ќе купи нешто врз основа на цената што ја гледа. Ако производот чини 80 денари, можеби ќе го стави во кошницата. Ако чини 120 денари, можеби ќе го остави на рафтот. Токму затоа точната информација за цената е еден од основните услови за правилна одлука при купувањето.

Што ако маркетот одбие да ја признае цената?

Кога ќе забележи разлика, купувачот најпрво треба да побара проверка на цената. Најдобро е да се повика одговорното лице во маркетот и да се покаже етикетата на која е означена пониската сума.

Важно е притоа да се провери дали ознаката навистина се однесува на конкретниот производ, на истата грамажа и пакување. Кај акциските понуди треба да се обрне внимание и на условите и периодот на важност.

Доколку проблемот не се реши, потрошувачот може да поднесе пријава до Државниот пазарен инспекторат. Како доказ можат да послужат фотографија од цената на полицата, фискална сметка и податоци за продавницата.

Инспекторатот е надлежен да врши надзор над истакнувањето на цените и почитувањето на потрошувачките права. Пријавите може да се поднесат и електронски, преку неговата интернет-страница.

Особено внимание заслужуваат производите на попуст. Големите ознаки со проценти, прецртаните цени и рекламните пораки лесно го привлекуваат вниманието, но крајната цена мора да биде јасна. Не е доволно производот само да изгледа поевтин.

За купувачите што пазарат со однапред определен буџет, разлика од дваесетина или триесетина денари на неколку производи може да значи и неколку стотици денари повисока сметка.

Затоа, проверката на фискалната сметка не треба да заврши со поглед кон вкупната сума. Вреди да се погледнат и поединечните цени, особено на производите што биле на акција. А кога нешто не се совпаѓа, објаснувањето дека „така покажува касата“ не треба да биде крај на разговорот.

Б.З.М.