Компанијата „Meta“ повторно експериментира со видеосодржини во долг формат.
„Instagram“ повторно експериментира со видеосодржини во долг формат, надевајќи се дека корисниците ќе гледаат подкасти и други видеа на своите телевизори. Компанијата тестира нов хоризонтален видеоформат наречен „features“, кој поддржува видеа со времетраење до 90 минути, а воведува и неколку други функции со кои сака да привлече поголем број корисници кон овој тип содржини.
Засега, содржини во подолг формат на платформата ќе можат да објавуваат само неколку креатори кои склучиле посебни договори со „Meta“. Компанијата во моментов е насочена кон комичари и автори на подкасти, објави „The Hollywood Reporter“. Хоризонталните видеа ќе можат да се гледаат во самата апликација „Instagram“, но компанијата се надева дека новиот формат ќе ги поттикне корисниците да ги користат и нејзините наменски телевизиски апликации.
Во видеообраќање, директорот на „Instagram“, Адам Мосери, изјави дека една од неговите грижи при воведувањето подолги видеа била можноста тие да ја намалат интеракцијата со кратките содржини што корисниците ги гледаат во моментов. Сепак, тој се надева дека подолгите видеа на крајот ќе функционираат „симбиотски“ со кратките содржини.
На пример, луѓето што ќе погледнат неколку исечоци од подкаст или комичарски настап во форматот „Reels“ можеби ќе посакаат да ја изгледаат целата епизода на својот телевизор.
„Instagram“ веќе извесно време се подготвува за оваа промена. Минатата година компанијата ја претстави својата прва телевизиска апликација со верзија на „Reels“ за уредите „Fire TV“, а сега во понудата додава и апликација за „Apple TV“, покрај веќе поддржаните уреди „Samsung“ и „Google TV“.
Телевизиските апликации добиваат и дополнителни можности, меѓу кои поддршка за објави во форматот „Story“ и преноси во живо. „Instagram“ ја тестираше и функцијата „series“, која им овозможува на креаторите да поврзат повеќе кратки видеа, за корисниците полесно да пронаоѓаат сродни содржини од истиот автор. Овие епизодни содржини отсега ќе бидат достапни и преку телевизиската апликација.
Овие промени се најновиот обид на компанијата „Meta“ да му конкурира на „YouTube“ и да ја приспособи својата платформа за содржини што вообичаено привлекуваат попрофитабилни рекламни договори. Компанијата за „The Hollywood Reporter“ изјавила дека планира да соработува со креаторите за да им помогне да пронајдат брендови-партнери, доколку веќе немаат воспоставено соработка со огласувачи.
Се разбира, ова не е првпат „Meta“ да се обиде да му парира на „YouTube“ на овој начин. Компанијата направи сличен обид и во 2018 година, кога ја лансираше „IGTV“, посебна апликација за подолги видеа. Таа никогаш не успеа да привлече поголем број корисници, па беше згасната во 2022-ра година.