„Mercedes-AMG“ го претстави новиот електричен „GT SUV“, кој ќе се нуди во три верзии со моќност до 1.170 коњски сили.
Најмоќниот модел забрзува до 100 километри на час за само 2,5 секунди, а батеријата може да се полни на брзи полначи со моќност до 710 kW.
Новиот „Mercedes-AMG GT SUV“ е првиот голем SUV што „AMG“ го развил целосно самостојно.
Моделот е базиран на механичката платформа „AMG.EA“, а понудата ќе ја сочинуваат верзиите „GT53“, „GT55“ и „GT63“.
Почетниот „GT53“ има два електромотора, по еден на секоја оска, како и двостепен менувач на задната оска. Вкупната моќност изнесува 544 коњски сили.
Помоќните „GT55“ и „GT63“ користат три електромотора – еден напред и два назад. Предниот мотор може да се исклучи кога не е потребен, со цел да се заштеди енергија.
„GT55“ располага со 816 коњски сили, додека „GT63“ развива дури 1.170 КС.
Сите верзии имаат погон на сите четири тркала „AMG Performance 4MATIC+“.
Моделите „GT55“ и „GT63“ можат и независно да ја распределуваат силата меѓу задните тркала, што придонесува за подобро прилепување на подлогата и подобра управливост.
Во зависност од верзијата, се вградува батерија со капацитет од 106 или 128 kWh. „GT53“ поддржува полнење со моќност до 600 kW, додека „GT55“ и „GT63“ можат да се полнат на брзи полначи со моќност до 710 kW.
Според податоците на компанијата, со десет минути полнење „GT53“ може да добие деклариран досег од околу 380 километри, а „GT55“ и „GT63“ – приближно 450 километри.
Очекуваниот досег според стандардот WLTP изнесува од 620 до 700 километри, зависно од верзијата.
Спортска суспензија и звук на V8 мотор
„GT SUV“ го добива системот за потпирање „AMG Active Ride Control+“, кој е стандарден кај верзијата „GT63“, а кај „GT55“ се нуди како опција.
Адаптивната суспензија го контролира навалувањето на каросеријата во свиоците, спуштањето на предниот дел при сопирање и подигнувањето при забрзување.
За љубителите на традиционалните модели на „AMG“ достапен е системот „AMGForce Sport+“, кој ги репродуцира звуците на моторот.
„GT53“ симулира звук на шестцилиндричен мотор, додека „GT55“ и „GT63“ нудат звук на V8 агрегат.
Достапни се и симулирани промени на степените на пренос, со кои возачот може да управува преку рачките зад воланот.
На располагање се седум режими на возење, меѓу кои „Comfort“, „Sport“, „Eco“ и „Race“, како и посебни поставки за лизгави подлоги.
Дигитална кабина и активна аеродинамика
Надворешниот изглед го карактеризираат нагласени крила над тркалата, странични стакла без рамки и шест кружни задни светла.
Подвижните ламели во предниот браник го регулираат протокот на воздухот за подобро ладење или намалување на отпорот на воздухот. „GT55“ и „GT63“ имаат и активен заден спојлер.
Автомобилот е опремен со дигитална инструмент-табла со дијагонала од 10,2 инчи и централен мултимедијален екран од 14 инчи. Како опција се нуди и екран со иста големина за совозачот.
Достапен е и панорамски покрив чија проѕирност може да се менува, како и можност за персонализирање на ентериерот преку програмата „Manufaktur“.
Основната верзија „Mercedes-AMG GT53 SUV“ ќе може да се нарача уште кон крајот на октомври, по цена од 113.050 евра. Верзиите „GT55 SUV“ и „GT63 SUV“ се очекуваат во пролетта 2027-ма година.