МАКЕДОНИЈА

Македонија со најниска инфлација во регионот

Трошоците на живот се можеби најчестата тема на која се разговара низ чаршијата, се дебатира во телевизиските емисии, или се пишуваат новинарски текстови. Но тие се и најголемата мака со која се соочуваат граѓаните во последните неколку години. Податоците кои се најнови на оваа тема покажуваат дека стапката на инфлација во Македонија се помеѓу најниските не само во регионот туку и во Европската унија.

Помеѓу државите од регионот, мерено на годишно ниво Македонија во септември има најниска инфлација од 2,7 отсто. Податоците се компаративно пресметани за септември годинава, со истиот месец во 2025 година. Веднаш до нас е инфлацијата во Албанија каде таа е на ниво од 2,9 отсто. Европска Словенија има трошоци на живот на ниво од 3,3 отсто. Во Србија инфлацијата е на ниво од 4,1 отсто. Следна на листата по висината на трошоците на живот е Хрватска каде инфлацијата е 4,7 отсто. Со инфлација од 5 проценти е Грција која е на средина на оваа листа на држави од регионот. За 0,2 или со инфлација од 5,2 проценти Црнагора е на седмото место во висината на трошоците за живот на граѓаните од регионот. Членката на Европската унија Бугарија има инфлација од 5,6 отсто. Романија има висока инфлација од 6,6 отсто. А Косово пак има инфлација од 7,8 отсто. Турција е со најголема инфлација помеѓу државите кои ги имаме во оваа анализа каде инфлацијата пораснала за 29,7 отсто. На ниво на Европската унија, инфлацијата достигна 3,8 отсто.

Пратеникот на ВМРО ДПМНЕ кој е задолжен за економските теми Бојан Стојановски, вели дека кога ќе направите анализа на инфлацијата во регионот за месецот септември, согласно податоците објавени од официјалните институции на државно ниво ќе се потврди фактот дека Македонија е со убедливо најниска инфлација во целиот регион и пониска од просекот на ЕУ зоната.

„Тоа што е важно и што треба да се потврди дека сето ова е во услови на најголемата енергетска криза во последните десетици години, но и убедливо најголемата енергетска криза во човештвото од аспект на прекин на синџирот на снабдување со енергенси. Треба да се подвлече фактот и дека Република Македонија има пониска инфлација и од просекот на ЕУ зоната. Во услови на сложени финансиски текови и рекордни цени на горивата, менаџирањето на економските текови и одржувањето на контролата со инфлацијата е успешно“, вели Стојановски.

Опозицијата се уште е на став дека потребно е зголемување на платите во стопанството, само на тој начин граѓаните би имале подобар квалитет на животот. Бројките кои велат дека имаме најниска инфлација нема да им ги наполни фрижидерите на домаќинствата.

И.П