МАКЕДОНИЈА

Македонија губи илјадници луѓе годишно: Не си одат само за поголема плата

Куферот за заминување во странство не се пакува само поради поголема плата. Младите од Македонија заминуваат затоа што бараат работа, стан, подобар јавен превоз, нормално здравство, место во градинка за детето, чист воздух, квалитетна храна и чувство дека системот функционира. А бројките покажуваат дека заминувањето веќе не е исклучок, туку масовна појава.

Во просек, околу 133.500 луѓе годишно ги напуштаат земјите од просторот на поранешна Југославија, покажуваат податоците на Организацијата за економска соработка и развој. Само во периодот од 2019 до 2023 година, Србија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина ги напуштиле повеќе од 660.000 луѓе.

Најмногу луѓе годишно заминуваат од Хрватска, околу 47.000. Од Србија во просек си одат околу 43.000 жители годишно, а од Босна и Херцеговина околу 40.000. Кај Хрватска бројката значи дека земјата секоја година ја напушта приближно секој 80-ти жител.

Во Македонија не е подобра ситуацијата. Иселувањето од Македонија претставува еден од најголемите демографски и социо-економски предизвици за земјава, при што во периодот од 1990 до 2019 година државата ја напуштиле околу 32% од вкупното население. Овој континуиран бран на емиграција, кој се проценува дека ќе продолжи и во следните децении, драстично ја менува демографската слика и предизвикува сериозен дефицит на работна сила.

Особено загрижува што меѓу тие што си одат, најголем дел се млади и квалификувани луѓе. Проценките за Западен Балкан предупредуваат дека регионот во следните децении би можел да изгуби меѓу една четвртина и половина од образованите и квалификувани млади. Како причини се посочуваат невработеноста, сиромаштијата и социјалната исклученост.

Но, економистите и демографите предупредуваат дека платата веќе не ја раскажува целата приказна.

Кај високообразованите, велат познавачите на миграциите, многу високо на листата стојат квалитетот на животот, можноста за професионално напредување, функционирањето на институциите и општата состојба во државата. „Не е доволно човек само да има плата. Сака да знае дека може нормално да живее и да напредува“, велат демографите.

Економските познавачи велат дека парите можат да помогнат некој полесно да го направи првиот чекор по враќањето, но тешко дека сами ќе убедат човек кој со години живее во уреден систем повторно да ги спакува куферите.

„Платата и приходите се важни, но исто толку се важни здравството, образованието на децата и функционирање на системот“, оценуваат експертите.

Демографите се уште подиректни. Според нив, главниот проблем е недостигот на доверба во државата и во начинот на кој функционира системот.

Финансискиот поттик е второстепен. Луѓето сакаат перспектива, можност да напредуваат и квалитетно живеење.