СВЕТ

Луксузниот туризам во Италија достигнува 10,4 милијарди евра

Луксузниот туризам станува сè поважен за италијанската економија. Во 2025-та година хотелите со пет ѕвезди и луксузните хотели оствариле 10,4 милијарди евра директни туристички расходи, што претставува 17,3 отсто од вкупниот промет во хотелскиот сектор, проценет на нешто повеќе од 60 милијарди евра, објавува „Euronews“.

Разликата во однос на хотелите од средната категорија е значителна: секое ноќевање во луксузен хотел генерира просечно 702 евра туристички расходи, наспроти просечните 209 евра кај хотелите од пониска категорија.

Растот е потврден и во истражувањето на Институтот „Demoskopika“. Податоците покажуваат дека пазарот на луксузно сместување се проширил многу побрзо од остатокот од италијанскиот хотелски сектор. Во периодот од 2008-ма до 2025-та година, бројот на ноќевања во луксузните хотели се зголемил за 111,1 отсто, додека во сите хотелски објекти заедно растот изнесувал само 14,5 отсто.

Во 2025-та година, бројот на ноќевања во хотелите со пет ѕвезди достигнал речиси 14,9 милиони, со повеќе од 4,9 милиони пристигнувања на гости. Во споредба со 2024-та година, бројот на пристигнувања се зголемил за пет отсто, а бројот на ноќевања за 5,7 отсто.

Овој раст ја потврдува сè поголемата улога на странските гости со повисока куповна моќ, но истовремено укажува и на големите разлики во распределбата на туристичките приходи меѓу регионите.

Рим е лидер во луксузниот туризам

Пазарот на луксузно сместување во Италија е доминиран од неколку големи туристички центри. Според индексот „Elite Index“, изработен од „Demoskopika“, водечки региони се Лацио, Трентино-Алто Адиџе, Кампанија, Вале д’Аоста и Сардинија.

Лацио е на првото место и според економската вредност. Се проценува дека во 2025-та година регионот ќе оствари 2,3 милијарди евра директни туристички расходи во луксузниот сегмент, што е 21,7 отсто од вкупните приходи на овој сектор на национално ниво.

Следуваат Трентино-Алто Адиџе со 1,7 милијарди евра, Венето со 1,4 милијарди евра, Ломбардија со 1,3 милијарди евра и Тоскана со една милијарда евра.

На ниво на провинции, Рим е главната дестинација и самостојно учествува со 19,7 отсто во вкупниот број ноќевања во луксузните хотели. Заедно со Болцано, Венеција, Фиренца и Милано, главниот град концентрира 53,4 отсто од сите ноќевања во оваа категорија во земјата.

Ако се земат предвид 17-те главни луксузни туристички центри идентификувани во истражувањето, нивниот удел достигнува 79,2 отсто.

Уште еден податок ги покажува територијалните разлики: во вкупно 25 италијански провинции нема ниту еден хотел со пет ѕвезди.

Во 2025-та година во Италија имало 809 хотели од оваа категорија, 38 повеќе отколку претходната година. Тие нуделе речиси 110.000 легла, но претставувале само 4,8 отсто од вкупниот сместувачки капацитет на хотелскиот сектор во земјата.

Растот на приходите не значи автоматски и порамномерна распределба на туристичките можности.

Единаесетте меѓународни пазари што „Demoskopika“ ги смета за главни извори на туристичка потрошувачка – Германија, САД, Обединетото Кралство, Франција, Швајцарија, Австрија, Шпанија, Холандија, Канада, Австралија и Јапонија – учествуваат со 62,2 отсто во ноќевањата на странските гости во италијанските хотели.

Се очекува овие посетители во 2025-та година да генерираат промет од 21,4 милијарди евра во сите хотелски објекти, пресметано според различните компоненти на туристичката потрошувачка.

Германија и САД се двата најголеми извора на приходи, со 6,39, односно 4,69 милијарди евра.