Со приближувањето на сезоната на големи попусти и празнични купувања, сè повеќе граѓани во Македонија бараат поевтини производи преку интернет. Облека, обувки, телефони, апарати за домаќинство, подароци за најблиските. Понудите се на секој чекор, а рекламите на социјалните мрежи ветуваат попусти и до 80 проценти. Но, зад дел од примамливите цени се кријат измамници кои наместо да испратат производ, можат да ви ја испразнат банкарската сметка.
Особено ризични се купувањата преку непроверени интернет-продавници и профили на Фејсбук и Инстаграм. Доволно е купувачот да види добра фотографија, ниска цена и неколку позитивни коментари за да одлучи да нарача. Проблемот настанува кога ќе плати однапред, а производот никогаш нема да пристигне или кога ќе ги остави податоците од платежната картичка на лажна страница.
Познавачите на електронската трговија советуваат граѓаните најпрво да проверат кој стои зад интернет-продавницата, дали има регистрирана фирма, контакт-телефон, адреса и јасни услови за испорака и враќање на производите.
„Ако не можете да утврдите кој го продава производот, каде се наоѓа продавачот и кому ќе се пожалите доколку нешто тргне наопаку, подобро е да не купувате“, е суштината на препораките за безбедно електронско купување.
Особено внимание треба да се посвети на цените кои изгледаат премногу добри за да бидат вистинити. На пример, телефон кој во редовна продажба чини 40.000 денари, а непозната страница го нуди за 8.000 денари. Таквата разлика треба да биде причина за дополнителна проверка, а не за брза уплата.
Од Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти предупредуваат дека купувачите не треба да отвораат сомнителни линкови, особено кога станува збор за понуди кои ветуваат неверојатни заштеди.
„Пазете се од линкови на веб-страници или на социјалните мрежи за понуди и зделки што се премногу добри за да бидат вистинити“, се наведува во препораките за безбедно купување.
Дополнителен проблем се лажните пораки за пристигнати пратки. Граѓани добиваат СМС известување дека нивниот пакет не може да биде доставен бидејќи недостига адреса или треба да се плати дополнителен трошок. Во пораката има линк преку кој наводно треба да се потврди испораката.
Токму ваквите измами се регистрирани и во Македонија. Министерството за внатрешни работи во јануари годинава предупреди на зачестени фишинг-напади преку лажни пораки, електронска пошта и интернет-страници. Според полицијата, во текот на претходната година биле поднесени над 50 пријави за измами од овој вид.
„Апелираме до граѓаните да бидат внимателни при користењето на интернет“, порачаа од МВР, предупредувајќи да не се споделуваат броеви од банкарски картички и лозинки преку сомнителни канали.
Економистите посочуваат дека купувањето преку интернет може да донесе значителни заштеди, но само доколку потрошувачите ги споредуваат цените и не наседнуваат на агресивни реклами. Големиот попуст не значи автоматски и добра зделка. Некои продавници прво ја зголемуваат прикажаната цена, а потоа рекламираат намалување.
Пред плаќањето треба да се провери и конечната сума. Производ што изгледа евтин може да поскапи по пресметувањето на доставата, царинските давачки или дополнителните трошоци, особено кога се нарачува од странство.
Посебно правило важи за банкарските картички. При обично интернет-плаќање никогаш не треба да се внесува ПИН-кодот од картичката. Треба да се провери и точната адреса на продавницата, бидејќи лажните страници понекогаш изгледаат речиси идентично со оригиналните. Дури и ознаката за безбедна врска не е гаранција дека продавачот е чесен.
Доколку купувачот забележи сомнителна трансакција, треба веднаш да ја контактира банката, да побара блокирање на картичката и да го пријави случајот во полиција.
А пред да го притиснете копчето „купи“, проверете уште еднаш кому му ги давате парите. Неколку минути проверка можат да ве поштедат од многу поголема главоболка кога наместо нарачаниот пакет ќе пристигне известување дека од сметката ви недостигаат пари.
Б.З.М.