Расипана машина за перење, ненадеен дефект на автомобилот, боледување или, уште полошо, губење на работното место. Доволен е само еден непланиран трошок за да се наруши домашниот буџет. Особено во Македонија, каде што голем дел од семејствата едвај успеваат да ги покријат редовните месечни обврски. Токму затоа финансиските советници препорачуваат секое домаќинство да има одредена сума пари оставена настрана, народски кажано, за „не дај Боже“. Но, колку пари се доволни?
Според препораките на финансиските советници, идеалната резерва треба да ги покрива основните животни трошоци за период од три до шест месеци. За семејствата што сакаат поголема сигурност, препорачаниот период може да биде и од шест до дванаесет месеци.
Сепак, не станува збор за пари со кои ќе се одржува вообичаениот животен стандард, туку за сума што ќе овозможи да се платат најнеопходните работи.
„Во пресметката треба да влезат храната, сметките, киријата или станбениот кредит, превозот, лековите и другите задолжителни издатоци. Одмори, ресторани и непотребни купувања не се дел од оваа резерва“, гласи основната препорака на финансиските советници.
На семејство што троши 40.000 денари месечно му требаат најмалку 120.000 денари
Ако едно четиричлено семејство во Македонија месечно троши 40.000 денари за основните потреби, за тримесечна финансиска сигурност би требало да има заштедено 120.000 денари.
За шест месеци, сумата се искачува на 240.000 денари, додека за цела година би биле потребни дури 480.000 денари.
Кај домаќинствата со месечни неопходни трошоци од 50.000 денари, тримесечната резерва изнесува 150.000 денари, а шестмесечната 300.000 денари.
Овие пресметки се само примери. Вистинската сума зависи од бројот на членови во семејството, висината на кредитите, редовните приходи и животните навики.
Економските аналитичари посочуваат дека семејствата со еден вработен член имаат поголема потреба од финансиска резерва, бидејќи губењето на единствениот приход може веднаш да ги доведе во тешка состојба.
Кај домаќинствата со две стабилни плати, ризикот е нешто помал, но тоа не значи дека заштедата е непотребна.
Што ако од платата не останува ништо?
За многу македонски граѓани, заштедата од неколку илјади евра изгледа како недостижна цел. Кога од платата треба да се платат сметките, да се наполни фрижидерот, да се купи гориво и да се подмират ратите за кредитите, на крајот од месецот честопати не останува речиси ништо.
Финансиските советници затоа препорачуваат штедењето да започне со значително помали износи.
„Првата цел не мора да биде заштеда за шест месеци. Доволно е најпрво да се соберат пари за покривање на трошоците за еден месец, а потоа резервата постепено да се зголемува“, е советот што најчесто се среќава во препораките за управување со личните финансии.
На пример, ако едно семејство успева да одвојува по 3.000 денари месечно, за една година ќе собере 36.000 денари. Со месечна заштеда од 5.000 денари, годишната сума достигнува 60.000 денари.
Тоа можеби не е доволно за неколку месеци без приходи, но може да покрие поголем дефект на автомобилот, итна поправка во домот или непланиран медицински трошок.
Парите за итни случаи треба да бидат достапни
Познавачите на личните финансии препорачуваат резервата да биде одвоена од парите што се користат за секојдневно трошење. Една можност е посебна банкарска сметка, од која средствата ќе можат да се подигнат без поголеми ограничувања.
Не се препорачува парите наменети за итни случаи да се вложуваат во ризични инвестиции, бидејќи нивната основна намена не е заработка, туку финансиска сигурност.
Исто така, резервата не треба да се меша со заштедата за летување, купување автомобил или реновирање стан.
За семејство што месечно располага со 60.000 денари, а задолжителните трошоци му изнесуваат 45.000 денари, првата поголема цел би била заштеда од 135.000 денари. Тоа се пари со кои би можело да се преживеат три месеци без редовни приходи.
Ако таквата сума изгледа преголема, почетната цел може да биде и 10.000 или 20.000 денари. Важно е резервата постепено да расте и да не се троши за редовни купувања.
Б.З.М.