Економската војна меѓу Европската Унија и Русија трае повеќе од четири години, а сметките сè уште се собираат. Европа плаќа поскапа енергија и се бори со слаб економски раст, додека Русија губи пазари, приходи и пристап до западната технологија. Но, последиците не застануваат на нивните граници. Ги чувствува и Македонија, каде што поскапувањето на енергенсите, проблемите во европската индустрија и неизвесноста на светските пазари директно се одразуваат врз домашните компании и граѓаните.
Санкциите што Европската Унија ги воведе по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година значително ги променија економските односи меѓу двете страни. Некогашните големи трговски партнери денес разменуваат многу помалку стоки, а европските држави сè повеќе бараат други извори на енергија.
Податоците на Европската комисија покажуваат дека трговската размена меѓу ЕУ и Русија во 2021 година изнесувала 257,5 милијарди евра, додека во 2025 година паднала на само 58,1 милијарди евра. Тоа е намалување за повеќе од 77 проценти.
Русија особено го чувствува губењето на европскиот енергетски пазар. Во 2021 година обезбедувала околу 45 проценти од увозот на природен гас во ЕУ, а во 2025 година тој удел се намалил на приближно 12 проценти.
Економистите укажуваат дека ваквото намалување не значи дека Русија останала без купувачи. Дел од енергетските производи ги продава на други пазари, но со тоа не може целосно да ја надомести загубата на европските клиенти.
Руската економија забавува, Европа скапо ја плаќа независноста
Најновите прогнози на Меѓународниот монетарен фонд покажуваат дека руската економија во 2026 година ќе порасне за само 0,9 проценти. Иста стапка се очекува и во 2027 година.
Дополнителен проблем за Москва се приходите од нафта и гас. Во првите девет месеци од 2026 година тие биле за околу 17 проценти пониски во споредба со истиот период минатата година.
Меѓутоа, ниту европската економија не минува лесно. Намалувањето на зависноста од рускиот гас бараше нови договори, изградба на инфраструктура и набавка на енергенси од други држави. Тоа создаде дополнителни трошоци за дел од европските компании.
Според проценките на ММФ објавени во јули, економијата на еврозоната годинава би требало да порасне за 0,9 проценти, а инфлацијата да достигне 2,9 проценти.
Од Фондот предупредуваат дека ризиците се насочени кон „послаб раст и повисока инфлација“, при што дополнителна неизвесност создаваат енергетските нарушувања и војните.
Економските аналитичари посочуваат дека санкциите не можат да се оценуваат единствено според моменталните стапки на раст. Русија трпи ограничувања во пристапот до технологија и капитал, додека Европа вложува средства за да ја намали долгорочната енергетска зависност.
Каде е Македонија во целата приказна?
За Македонија најголемиот ризик не е директната трговија со Русија, туку состојбата во европската економија.
Според податоците за 2025 година, дури 76 проценти од македонскиот извоз завршува на пазарите во Европската Унија, додека 47 проценти од увозот доаѓаат од земјите членки.
Германија е најголемиот поединечен извозен партнер на Македонија, со учество од околу 36 проценти во вкупниот извоз.
Ова значи дека секое посериозно забавување на германската индустрија може да се почувствува и во македонските фабрики, особено кај производителите на автомобилски делови и електрична опрема.
Економистите објаснуваат дека кога европските компании имаат помалку нарачки, се намалува и потребата од производите што ги набавуваат од Македонија. Во такви услови, домашните фирми може да се соочат со помал обем на работа, намалени приходи и одложување на нови инвестиции.
Истовремено, движењето на цените на нафтата, гасот и електричната енергија останува важен фактор за домашните трошоци. Поскапите енергенси можат да го зголемат трошокот за производство, транспорт и снабдување со производи.
Според економските показатели, Русија губи значителен дел од некогашниот европски пазар, додека ЕУ успева да ја намалува енергетската зависност, но со економски трошоци.
За Македонија, пак, пресметката е поедноставна. Ако европските фабрики работат помалку, последиците можат да стигнат и до домашните производствени погони. А кога ќе поскапат енергенсите, разликата најлесно се забележува на сметките и на касите во продавниците.
Б.З.М.