СВЕТ

Ќе успее ли Европа да се справи со должничкиот и политичкиот притисок?

Растечката должничка криза и јакнењето на антиевропските партии би можеле дополнително да ги продлабочат политичките и економските противречности во Европската Унија. Финансискиот притисок, незадоволството на граѓаните и политичките поделби го отвораат прашањето дали европските институции ќе успеат да ја зачуваат стабилноста и единството на Унијата.

По пандемијата на Ковид-19, трошоците за живот во Европа значително се зголемија, што создаде сериозни проблеми, особено за младите. Тие тешко наоѓаат работа, се соочуваат со сè повисоки трошоци, а купувањето сопствен дом станува речиси недостижно, особено за оние што доаѓаат од семејства со ниски и средни приходи.

„Франција е водечка кога станува збор за протестите, бидејќи има историја на протестна земја. Во Италија, премиерката Џорџа Мелони е една од најстабилните политичари во современата историја на земјата, но протести гледаме и таму“, посочуваат аналитичарите.

Според нив, Европа се соочува со сериозни проблеми што мора итно да се решат. Од протестите и од изборите што ќе следуваат би можеле да профитираат левичарски кандидат во Португалија и кандидати од крајната десница во поголемиот дел од Европа.

Проблемите на Стариот континент се повеќеслојни. Според анализата, тие започнале со силниот раст на цените на недвижностите, што доведе до станбена криза, особено меѓу помладите Европејци. Растот на цените на становите во поголемиот дел од Европа во меѓувреме забавил, но сега поскапувањето се прелева во реалната економија, со повисоки цени на храната и на другите производи за секојдневна употреба.

Дополнителен фактор е тоа што Европа, како и остатокот од светот, долго време функционираше во услови на многу ниски каматни стапки. Нивното зголемување дополнително го засили незадоволството на граѓаните.

„Ниту една земја од Западна Европа не е меѓу десетте европски земји со најголем раст на бруто-домашниот производ. Тоа е интересен показател што исто така треба да се има предвид“, велат аналитичарите.

Во актуелните политички околности во ЕУ, евентуална должничка криза би можела да ја отвори и можноста за распад на Унијата. Тоа не е основното сценарио, но опасноста постои поради сè поголемата поддршка за антиевропските партии.

„Тие ќе туркаат во насока на сè поразединета Европа“, сметаат аналитичарите.

Тие предупредуваат и дека евентуална должничка криза во Франција би можела да се прелее врз пазарите на државни обврзници во еврозоната, бидејќи станува збор за втората најголема економија во Европа.

Засега, тие не забележуваат влијание на проблемите на пазарите на државен долг врз европските пазари на акции, но посочуваат дека овие пазари се тесно поврзани.