МАКЕДОНИЈА

Ќе купите евтино возило во странство, ама ќе го преплатите на царина

Автомобил што во Германија се продава за 5.000 евра, додека стигне до македонски регистарски таблички, може да чини неколку илјади евра повеќе. Ниските цени на половните возила во странство сè уште ги привлекуваат македонските купувачи, но пресметката често изгледа сосема поинаку кога ќе се соберат царината, даноците, транспортот, хомологацијата и регистрацијата. На крајот, автомобилот што на оглас изгледал како одлична зделка може да чини речиси исто колку и таков што веќе се продава во Македонија, а понекогаш и повеќе.

Германија, Швајцарија, Италија и Белгија се меѓу земјите кон кои традиционално се насочуваат купувачите што бараат половен автомобил. Изборот е голем, возилата често имаат подобра опрема, а цените на прв поглед се привлечни. Сепак, сумата наведена во огласот е само почеток на трошоците.

Според важечките правила, редовната царинска стапка за увоз на патнички автомобил изнесува 5 отсто, додека данокот на додадена вредност е 18 отсто. Покрај овие давачки се плаќа и данок на моторни возила, чија висина зависи од вредноста на автомобилот, видот на горивото и емисијата на јаглерод диоксид.

Токму последниот данок може значително да ја промени конечната пресметка, особено кај постарите дизел-автомобили со поголема потрошувачка и повисока емисија на штетни гасови.

Да земеме пример со половен автомобил купен за 5.000 евра, за кој транспортот до Македонија чини дополнителни 400 евра. Доколку се применува редовната царинска стапка од 5 отсто, само царината би изнесувала 270 евра. На тоа следува ДДВ, кој во овој пример би бил најмалку околу 1.020 евра, а конечниот износ зависи и од пресметаниот данок на моторни возила.

Тоа значи дека автомобилот веќе надминува 6.600 евра, уште пред да се додадат данокот на моторни возила, шпедитерските услуги, хомологацијата и регистрацијата.

Економската логика е едноставна. Колку е помала разликата меѓу цената во странство и цената на домашниот пазар, толку е поголема веројатноста увозот да биде неисплатлив. При споредбата треба да се земат предвид и дополнителните трошоци за патување, евентуалното ноќевање, проверката на автомобилот и можните поправки по купувањето.

Особено внимание заслужува данокот на моторни возила. Од Царинската управа објаснуваат дека неговата пресметка се состои од две компоненти, од кои едната е поврзана со вредноста, а другата со емисијата на јаглерод диоксид.

„Еколошките возила со пониска стапка на емисија на CO2 стануваат економски поисплатливи за набавка“, се наведува во официјалното објаснување на Царинската управа.

Сепак, не секој увоз е подеднакво скап. Автомобилите со докажано преференцијално потекло од Европската Унија можат да бидат ослободени од плаќање царина, односно за нив да важи стапка од нула отсто. Но, тоа не значи дека купувачот е ослободен и од ДДВ и од данокот на моторни возила. Важно е и дека автомобил купен во Германија не мора задолжително да има европско потекло.

Дополнителен проблем може да настане и при утврдувањето на царинската вредност. Цената наведена во купопродажниот договор не значи дека автоматски ќе биде прифатена како основица за пресметување на давачките. Царинските органи имаат право да ја проверуваат пријавената вредност.

Познавачите на автомобилскиот пазар укажуваат и на уште една финансиска разлика. Купувањето автомобил што веќе е регистриран во Македонија овозможува полесно да се утврди конечниот трошок, додека кај увозот дел од издатоците стануваат јасни дури по конкретната царинска пресметка.

Не треба да се занемари ниту хомологацијата. Доколку автомобилот не ги исполнува пропишаните услови, купувачот може да се соочи со сериозен проблем, бидејќи платените увозни давачки сами по себе не гарантираат дека возилото ќе може да се регистрира.

Затоа, пред да тргнат по автомобил во странство, купувачите можат да побараат пресметка од шпедитер или да го користат официјалниот калкулатор на Царинската управа. Тој дава ориентациска проценка на данокот, додека конечната сума се утврдува при царинењето.

Разликата од илјада или две илјади евра меѓу германскиот оглас и македонскиот автоплац на прв поглед изгледа примамливо. Но, кога ќе се соберат сите трошоци, таа разлика може целосно да исчезне. Затоа не е доволно да се провери само колку чини автомобилот во странство, туку колку ќе чини кога конечно ќе добие македонски таблички.

Б.З.М.