Кина, која веќе доминира на светскиот пазар на литиум-јонски батерии, планира да ја прошири својата позиција и на пазарот на батерии во цврста состојба. Властите во Пекинг ќе настојуваат да ги намалат трошоците за производство на овие батерии, да ги подобрат нивните перформанси и до 2030-та година да започнат со комерцијално производство, пишува „Oilprice“.
„Во следните пет години индустријата за батерии од нов тип ќе се најде во критичен период поврзан со технолошко унапредување и мора да ги искористиме стратешките можности што ги нудат технолошките и индустриските иновации“, соопшти кинеското Министерство за индустрија и информатичка технологија, а пренесува „South China Morning Post“.
Петгодишниот план за батерии во цврста состојба е објавен во услови на глобална трка во овој сегмент. Научници и компании од други делови на светот се обидуваат да ја намалат зависноста од Кина, да ја оспорат нејзината доминација во технологијата на литиум-јонски батерии и да развијат алтернативи на оваа технологија.
До крајот на минатата година, пазарот на батерии во цврста состојба во Кина вредеше околу 42,5 милиони долари. Благодарение на владините стимулации, се очекува неговата вредност до 2030-та година да достигне 384,8 милиони долари, со импресивна просечна годишна стапка на раст од 44,4 отсто. За споредба, глобалниот пазар на батерии се очекува да расте со просечна годишна стапка од 37,5 отсто.
Намалувањето на трошоците се чини дека е приоритет број еден за развивачите на батерии во цврста состојба. Меѓу главните области на развој се и новите материјали за електроди, нови електролити, како и други материјали што се користат во производството на овие батерии.
Планот опфаќа и технологии поврзани со натриумовите батерии, кои се сметаат за потенцијален конкурент на литиум-јонската технологија.
Литиум-јонските батерии доминираат на пазарот на електрични возила, како и на останатите пазари на производи што користат батерии, благодарение на нивните перформанси, но и поради тоа што досега немаат добиено вистинска конкурентна алтернатива.
Сепак, литиум-јонските батерии се скапи, а нивната употреба носи и ризик од пожари.
За разлика од нив, научниците ги гледаат батериите во цврста состојба како одржлива алтернатива која би можела да биде поевтина и посигурна. Тие потенцијално нудат поголема енергетска густина од литиум-јонските батерии, побрзо полнење, подолг работен век и, што е особено важно за електричните возила, можност за поголем досег со едно полнење.
Но, пред тоа да стане реалност, научниците ќе мора да го решат проблемот со оштетувањето и деградацијата на батериите во цврста состојба, кој со години претставува една од главните пречки за развојот на оваа технологија.
Во последниот период се постигнати одредени напредоци во лабораториските истражувања, додека автомобилските производители сè повеќе ги гледаат батериите во цврста состојба како една од клучните технологии на иднината.
Кинескиот производител „BYD“ неодамна соопшти дека планира до 2030-та година да започне со масовно производство на батерии во цврста состојба за своите електрични возила.
Компанијата, која е еден од главните играчи на глобалниот пазар на електрични возила, сепак нема целосно да се откаже од литиум-јонската технологија во корист на батериите во цврста состојба. Наместо тоа, планира да ги користи двете технологии во идните модели.
Кина е најголемиот пазар на електрични возила во светот и еден од водечките играчи во областа на складирањето енергија со батерии. Како и индустриите за електрични возила и соларни панели, и овие сектори поврзани со енергетската транзиција добиваат значителни државни субвенции, што им овозможува брзо да растат, иако тоа отвора прашања за прекумерниот производствен капацитет и неговите последици.