Кинеската централна банка ги зголемила своите златни резерви во октомври, продолжувајќи ја серијата купувања втора година по ред.
Ова се случува во услови на пад на цената на благородниот метал за речиси седум отсто во текот на месецот, кога таа на крајот паднала под прагот од 4.000 долари за тројунца, пишува „Bloomberg“.
Златните резерви на финансиската институција во октомври пораснале за 830.000 тројунци, односно околу 25,8 метрички тони, покажуваат официјалните податоци објавени во саботата. Ова е 24-ти последователен месец во кој земјата ги зголемува своите златни резерви. Во изминатите месеци, монетарната власт ги интензивирала купувањата и покрај падот на цената на златото. Така, зголемувањето на резервите во првите десет месеци од годината достигнало вкупно околу 129 метрички тони.
Кинеската централна банка била најголемиот пријавен купувач меѓу централните банки во светот во третото тримесечје од годината, покажуваат податоците на Светскиот совет за злато (WGC). Вкупните нето-купувања на злато од официјалниот сектор, пријавени до оваа организација, достигнале 321 тон во периодот од јули до септември – најголемо количество од последното тримесечје на 2024-тa година. Акумулирањето златни резерви и натаму е еден од клучните фактори што ја поддржуваат цената на металот во услови на генерално слаба пазарна активност.
Цената на златото минатиот месец го достигнала најниското ниво во последната година, бележејќи го најостриот октомвриски пад од светската финансиска криза во 2008-ма година наваму. По меѓуизборите во САД оваа недела, металот повратил дел од загубите, но и натаму е за повеќе од една петтина поевтин во споредба со почетокот на војната меѓу САД и Израел против Иран, кон крајот на февруари.
Повисоките цени на енергенсите ја засилиле инфлацијата и довеле до затегнување на монетарната политика на глобално ниво – фактор што вообичаено врши притисок врз цената на златото, бидејќи овој благороден метал не носи каматен принос.
Купувањата на кинеската централна банка влијаат и врз однесувањето на домаќинствата во земјата. Многу од нив во октомври купувале злато по цени од околу 4.000 долари за тројунца, очекувајќи дека купувањата на централната банка долгорочно ќе ја поддржат вредноста на металот.