СВЕТ

Кина планира ограничувања за извозот на технологии за вештачка интелигенција

Кина предлага вклучување на напредните технологии за вештачка интелигенција („AI“) во својата листа за контрола на извозот. Ова потенцијално би го ограничило трансферот во странство на модели за вештачка интелигенција и дизајни на чипови.

Целта на овој потег е заострување на контролата врз достигнувањата на домашните компании во стратешки важниот сектор, пишува „Bloomberg“.

Предлогот опфаќа 23 технологии од областа на вештачката интелигенција, меѓу кои големи јазични модели, „агенти“ (автономни софтверски системи), дизајни на чипови и компјутерски кластери. Ограничувањата ќе се однесуваат на параметрите на моделите, познати како „тежини“, и на изворниот код на производите што надминуваат одредени прагови на перформанси, наведува агенцијата.

Во текот на летото, кинеските стартап-компании за вештачка интелигенција постигнаа значителен напредок, намалувајќи ја разликата во однос на водечките американски компании. Моделите како „Kimi K3“ на „Moonshot AI“ и најновите верзии на „DeepSeek“ нудат поповолни цени.

Покрај тоа, кинеските компании често избираат да ги споделуваат „тежините“ на своите модели – параметрите што го насочуваат системот за вештачка интелигенција кон пронаоѓање одговори. На тој начин ги поттикнуваат програмерите да создаваат нови производи засновани на овие модели.

Кинеските компании сè поактивно бараат и пазари надвор од земјата. На пример, компанијата „Z.AI Co.“ ги нуди своите производи преку американски даватели на услуги за облачно компјутерство, меѓу кои и „Amazon Web Services“.

Предлогот е дел од поширока иницијатива за контрола на извозот на 40 технологии во индустрии во кои кинеските компании стануваат сè поконкурентни. Опфатени се и пет биомедицински технологии и 12 технологии од областа на сончевата енергија, меѓу кои патентирани платформи за клеточна и генска терапија, како и технологии за производство на одредени видови напредни соларни модули.

„Ова е нешто повеќе од рутинско ажурирање“, коментира Рајан Ецкорн, виш директор во „Ankura China Advisors“.

„Со ставањето под контрола на областите на вештачката интелигенција, сончевата енергија и биотехнологијата – индустрии во кои Кина стекнува сè поголема предност – Пекинг испраќа сигнал дека постабилните односи со Западот не значат дека земјата ќе го запре својот развој“, посочува тој.

Кина редовно ја ажурира листата на технологии чиј извоз е забранет или ограничен. Во 2020-та година, Пекинг додаде алгоритми на оваа листа, откако првата администрација на американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја забрани апликацијата „TikTok“, доколку не ги продаде своите американски средства на компанија од САД.

Предложените ограничувања за извозот на технологии за вештачка интелигенција имаат цел да ја гарантираат „безбедноста и контролираноста“ на овие технологии, изјави портпарол на Министерството за трговија на Кина. Како причина се наведува ризикот од злоупотреба, на пример, за напади врз критичната инфраструктура, одбранбената индустрија или клучните државни системи од страна на недржавни субјекти или злонамерни актери.

„Потребното управување со овие технологии од страна на кинеската влада има цел да ја зацврсти безбедносната основа, да спречи злоупотреби, да гарантира дека вештачката интелигенција останува под човечка контрола и да го поттикне меѓународното управување со технологијата“, наведува портпаролот во соопштението.

Предлогот предвидува ограничување на извозот на клучни технологии за модели што се обучени со користење „важни податоци“ и содржат најмалку два билиони параметри, како што се „Kimi K3“ или „Qwen3.8-Max“ на „Alibaba Group Holding Ltd.“, како и модели што се меѓу десетте најдобри во светот според показатели како перформанси, употреба и безбедност.

Кинескиот регулатор за сајбер-просторот ги дефинира овие податоци во широка смисла, како информации чие истекување би можело да ја загрози националната безбедност, економската активност, социјалната стабилност или јавната безбедност.

Новите кинески насоки веројатно ќе ја зголемат неизвесноста во индустријата за вештачка интелигенција, која веќе се соочува со строга контрола на содржините, систем на лиценцирање и можни санкции од САД.

Предложените ограничувања за извозот на модели со огромен број параметри би можеле да го забават нивниот развој, бидејќи лабораториите за вештачка интелигенција работат на создавање сè помоќни платформи. Само минатиот месец, „Alibaba“ објави планови за развој на модели со меѓу пет и десет билиони параметри – значително повеќе од вообичаеното денес – наменети за извршување подолги и посложени задачи.

Технологиите со отворен код и истражувањата што веќе се јавно достапни нема да бидат опфатени со овие мерки. Покрај тоа, владата ќе воведе поедноставени процедури, како што е автоматско лиценцирање за извоз поврзан со технологии за вештачка интелигенција со отворен код.

Според соопштението, распоредувањето во странство на модел опфатен со регулативата ќе се смета за извоз на технологија. Распоредувањето на моделот врз инфраструктура во странство, која е во сопственост на кинескиот давател на услугата, би можело да подлежи на автоматско лиценцирање.

Министерството за трговија појасни дека компаниите што на странски клиенти им овозможуваат пристап до ограничени модели за вештачка интелигенција преку апликации, интернет-страници или онлајн-услуги нема да бидат опфатени со предложените мерки за контрола. Од Пекинг наведуваат дека мерките не се насочени против конкретна држава, регион или субјект.

Министерството предлага и ограничување на извозот на технологии за дизајнирање чипови за вештачка интелигенција, изработени со производствени процеси од 14 нанометри или понапредни, како и технологии што користат современи методи за 2.5D или 3D пакување на чиповите. Предложените ограничувања ги опфаќаат и технологиите за дизајнирање одредени видови високотехнолошки мемориски чипови.

Истовремено, Кина воведува обврска за привремена регистрација при извоз на технологиите опфатени со предлогот. Мерката стапи во сила во петокот и се применува и на трансакции што веќе започнале, но сè уште не се завршени. Тоа вклучува трансфер на интелектуална сопственост, лиценцирање во странство и промени поради кои кинески сопственици на технологии потпаѓаат под странска контрола.