МАКЕДОНИЈА

Кајгана за 40, тост за 100, месо во сос под 200 денари, цените во собранискиот ресторан – навреда за студентите кои бараат достоинствен оброк!

Еден од претставниците на студентите кои во последниов месец протестираат за висината која ја добиваат за субвенционираниот студенски оброк Бленди Ходаи, го објави менито од ресторанот кој се наоѓа во Собранието на Македонија. Тоа што може да се забележи е дека цените од овој ресторан се далеку пониски од сите други угостителски места не само од Скопје, туку од цела држава. Драстични разлики во цените има како за појадок, така за ручек или за десерт. Ходаи јавно го праша премиерот, дали ќе може студентите да се хранат во собранието, бидејќи со 140 денари ќе имаат многу поголем избор таму отколку во било кој друг угостителски објект.

Од кајгана за 40 денари, омлети по цени кои се два и пол пати поевтини од било кој ресторан, салати по цени од 50 – 60 денари, тостови за стотина денари, или печено месо нешто поскапо од тостот, по цени кои не надминуваат 200 денари. По овие цени, народните избраници и останатите вработени во законодавниот дом си плаќаат за својот оброк на работното место. Но кога ќе се спомне оброкот на студентите, тогаш се наоѓаат аргументи зошто не треба да се зголеми сумата и дека тие 140 денари се доволно за квалитетен оброк.

„Еве го менито на собранискиот ресторан, каде што народните избраници можат да јадат по повластени цени. А потоа, од истото тоа Собрание, се одлучува за студентскиот оброк и за младите, од кои 38% се соочуваат со ризик од сиромаштија. Прашањето е едноставно: зошто повластената исхрана е оправдана за функционерите, а субвенционираниот оброк за студентите е предмет на расправа?“ Напиша Ходаи од Форумот за образовни промени

Бленди Ходаи го повика премиерот Христијан Мицкоски на јавна дебата за студентскиот оброк, откако премиерот ги оцени неговите критики како навреда за професорите. Во својата реакција, Ходаи иронично го прашува Мицкоски дали треба да му се обраќа како на премиер или како на професор, посочувајќи дека кога го критикуваат за неговата работа како премиер, тој се повикува на професорската титула. Ходаи бара одговор зошто дневната субвенција останува 140 денари и посочува дека износот треба да се усогласува со инфлацијата.

Од Форумот веќе поднесоа тужба во име на шестмина студенти, со барање за ретроактивна исплата на разликата. Ходаи смета дека вистинската навреда е омаловажувањето на студентите и неисплаќањето на износот што, според него, им следува. Наместо натамошна полемика преку медиумите, тој предложи јавна дебата „сред чаршија“, оставајќи му на Мицкоски да избере дали ќе настапи како премиер или како професор. 

И.П