„Polestar“ го претстави концептот „Formula 2030“, со кој го најавува можниот правец на развој на дизајнот на идните модели на производителот.
Футуристичкиот електричен хечбек привлекува внимание со широката каросерија, ниската силуета и огромните тркала од 22 инчи со централно заклучување.
Дизајнот потсетува на современа интерпретација на моделот „Volvo C30“, но носи и необични решенија, како отсуство на централни столбови и дополнителен пар задни врати што се отвораат во спротивна насока.
Автомобилот има четири седишта и два багажника – еден напред и еден назад. Задниот дел се одликува со целосно нова светлосна група и дизајн што „Polestar“ го опишува како футуристички.
Концептот е долг 4.680 милиметри, широк 2.021 милиметар и висок само 1.350 милиметри, со меѓуоскино растојание од 2.780 милиметри.
Меѓу интересните детали се панорамскиот покрив, еден вертикално поставен бришач на шофершајбната и сензорот „LiDAR“, кој се активира кога ќе се вклучи системот за автономно возење.
Кабината има четири одделни седишта со приспособливи странични потпирачи.
Пред возачот е поставен закривен екран од 20 инчи, наместо класична инструмент-табла, а тука е и централниот екран од 12,2 инчи.
Интересно е што „Polestar“ не се откажал целосно од физичките команди.
Под централниот екран се наоѓаат осум приспособливи прекинувачи и ротирачки контролери, како алтернатива на сè попопуларното управување исклучиво преку екрани на допир.
Кабината го менува распоредот во зависност од режимот на возење. Во автономниот режим екранот се подигнува, додека воланот и седиштето се оддалечуваат еден од друг.
Во спортскиот режим, сè се враќа во положба приспособена за возачот.
„Polestar“ не објави податоци за моќноста на електромоторот, капацитетот на батеријата ниту за перформансите.
Сепак, спортскиот карактер го навестуваат амортизерите „Öhlins“, како и посебниот простор за кациги и противпожарен апарат.
Иако „Formula 2030“ нема да биде понуден на купувачите, од „Polestar“ потврдија дека одредени дизајнерски елементи ќе бидат искористени кај следната генерација на моделот „Polestar 2“, чие претставување се очекува во 2027-ма година, како и кај електричниот SUV „Polestar 7“, планиран за 2028-ма година.
Тоа значи дека овој концепт сепак нема да остане само изложбен експонат, туку ќе послужи како најава за идниот изглед на сериските автомобили на марката.