Некогаш две солидни плати во едно семејство беа доволни за пристоен живот, годишен одмор, автомобил и нешто пари настрана. Денес, за многу македонски семејства, и две плати едвај ги покриваат редовните трошоци.
Храна, сметки, гориво, облека за децата, кредит за стан… Кога ќе се собере сè, за штедење останува малку или ништо. Токму затоа сè почесто се поставува прашањето дали средната класа во Македонија постепено исчезнува или само живее многу поскромно отколку порано.
Според економските дефиниции, средната класа не ја сочинуваат само луѓето што имаат редовна работа и примаат пристојна плата. Во оваа категорија спаѓаат домаќинствата што, покрај основните потреби, можат да си дозволат одмор, образование, поголеми купувања и редовно да одвојуваат пари за штедење.
Еден од пристапите за процена на припадноста кон средната класа подразбира приходи што се значително повисоки од трошоците за основна потрошувачка. Според таквото мерило, семејство што речиси целата заработка ја троши на храна, домување и сметки тешко може да се смета за финансиски стабилна средна класа.
Последните податоци покажуваат колку е голем притисокот врз домашните буџети.
Според Државниот завод за статистика, просечната нето-плата во јули годинава изнесувала 48.499 денари. Од друга страна, пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија покажуваат дека минималната синдикална кошница за септември достигнала 69.432 денари. За четиричлено семејство што живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, минималниот месечен трошок изнесува 84.807 денари.
Тоа значи дека семејство со двајца вработени што заработуваат по една просечна плата располага со речиси 97.000 денари месечно. На хартија изгледа солидно. Но, откако ќе се платат основните трошоци, просторот за дополнителни издатоци и за штедење значително се стеснува.
Од ССМ предупредуваат дека само за една година минималната кошница поскапела за 4.355 денари, додека за две години трошоците пораснале за 8.126 денари.
„Секој месец од почетокот на годината носи дополнителен товар врз семејниот буџет“, посочуваат синдикалците.
Економистите при анализирањето на животниот стандард прават разлика меѓу номиналниот раст на платите и нивната куповна моќ. Повисока плата не значи автоматски подобар живот доколку истовремено поскапуваат производите и услугите што граѓаните секојдневно ги користат.
Посебен проблем претставува домувањето. За млад брачен пар што допрва купува стан, месечната рата за кредит може да одземе значителен дел од приходите. Ако на тоа се додадат трошоците за дете, превоз и комуналии, семејниот буџет станува многу потесен.
Истражувањата на Светската банка покажуваат дека финансиската ранливост во Македонија е широко распространета. Според податоците од едно истражување, повеќе од половината испитани возрасни лица изјавиле дека нивните домаќинства едвај ги покриваат трошоците без можност за штедење или дека мораат да користат заштеда или да се задолжуваат.
Повеќе од една третина од испитаниците посочиле дека, доколку останат без главниот извор на приходи, не би можеле да ги покриваат основните трошоци подолго од две недели.
Економските анализи укажуваат дека ваквата состојба не значи нужно исчезнување на средната класа, туку покажува дека дел од домаќинствата што имаат стабилни приходи располагаат со многу мала финансиска резерва.
Разликите се забележуваат и меѓу генерациите. Семејствата што веќе имаат сопствен стан и немаат кредитни задолжувања се во значително поповолна положба од младите што со години плаќаат кирија или отплаќаат станбени кредити.
Прашањето затоа не е само колку изнесува платата, туку колку пари остануваат откако ќе се покријат сите месечни обврски. За дел од македонските домаќинства годишниот одмор, новиот автомобил или заштедата за непредвидени трошоци одамна не се редовен дел од семејниот буџет. Сè почесто стануваат издатоци што се планираат со месеци, а понекогаш и се одложуваат за следната година.
Б.З.М.