СВЕТ

Индија ја престигнува Русија како извозник на дизел и планира голем раст во 2027-ма

Капацитетите за преработка на нафта се зголемуваат во Африка и Азија, но по сегашната криза би можело да следува период на прекумерна понуда на горива, пишува „Bloomberg“.

Во наредните месеци Индија и Кина ќе бидат лидери во пуштањето во употреба на нови рафинериски капацитети. Заедно, двете земји ќе придонесат со околу 70 проценти од новите капацитети за преработка на нафта во периодот од 2026-та до 2027-ма година, пишува „Bloomberg“.

Во Кина се очекува проширувањето на капацитетите да биде проследено со затворање на помалите, неефикасни рафинерии, како и со промена на производствената стратегија кон поширок асортиман на нафтени производи, наместо производство исклучиво на горива.

Причината за ваквите очекувања е намалената потрошувачка на дизел во земјата. Аналитичарите генерално проценуваат дека потрошувачката на нафта во Кина ќе го достигне врвот следната година.

Во Индија, пак, плановите предвидуваат дополнително производство од 15 милиони тони дизел годишно, односно околу 110 милиони барели. Новите количини ќе бидат овозможени со отворање нова рафинерија и проширување на производството во постојните капацитети.

Индискиот министер за нафта Хардип Синг Пури изјави дека дополнителното производство нема да биде наменето само за домашниот пазар, туку и за извоз.

Според податоците на индиските власти, од април, кога започнува фискалната година во земјата, до септември биле произведени 59 милиони тони дизел, додека домашната потрошувачка изнесувала 46 милиони тони.

Вкупниот капацитет за преработка на нафта во Индија моментално изнесува 267 милиони тони годишно, а до крајот на 2027-ма година се очекува да достигне 300 милиони тони, изјави Пури.

Оваа година Индија ја престигна Русија и стана втор најголем извозник на дизел во светот, покажуваат податоците на „Kpler“. „Goldman Sachs“ прогнозира дека земјата ќе ја задржи оваа позиција и во 2027-ма година, благодарение на новите производствени капацитети што треба да бидат пуштени во употреба.

Меѓународната агенција за енергетика (МАЕ) претходно процени дека Русија најверојатно ќе го обнови нивото на преработка на нафта од претходните години до крајот на 2027-ма година. Тоа, сепак, ќе зависи од престанувањето на украинските напади со беспилотни летала врз руските рафинерии.

Во последната недела Украина ги намали нападите врз руските рафинерии, иако Москва не возврати со слична воздржаност и продолжи со масовни напади со дронови и ракети врз енергетските објекти во Украина.

При последниот напад со балистички ракети, во утринските часови на 27-ми октомври, биле погодени клучни електроцентрали за снабдувањето на Киев со електрична енергија. Уште во септември, поради уништените производствени капацитети и трафостаници, во цела Украина повторно беше воведен режим на снабдување со електрична енергија, сличен на оној од претходните зими.

Поради тоа, се очекува Украина да ги обнови нападите по меѓуизборите во САД на 3-ти ноември, доколку дотогаш не биде постигнат договор.

По кризата, дали следува прекумерно производство?

„BloombergNEF“ прогнозира дека во периодот од 2026-та до 2030-та година производството на горива ќе се зголеми за 4,2 милиони барели дневно. Сепак, овој раст би можел значително да ја надмине побарувачката, создавајќи опасност од прекумерна понуда на пазарот.

Проценките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) се совпаѓаат во однос на очекуваното зголемување на производствените капацитети. Истовремено, од организацијата очекуваат и поголема искористеност на рафинериите, што би значело дека пазарот и натаму ќе остане затегнат.

Сепак, енергетските пазари се исклучително нестабилни. Пред неколку дена аналитичарите на МАЕ предупредија на високите цени не само на нафтата, туку и на зголемените трошоци за транспорт, кои дополнително влијаат врз нејзината цена.

Овие околности би можеле да обесхрабрат дел од рафинериите да го продолжат производството, се наведува во извештајот на агенцијата.

Покрај Индија, раст на преработката на нафта се очекува и во Африка. Наспроти тоа, во традиционалните индустриски центри, како САД и Европа, се очекува затворање на рафинерии, и тоа со побрзо темпо во САД.

Главната причина е намалената конкурентност на постојните капацитети во споредба со новите и помодерни рафинерии што се градат во Азија и Африка.

Проценките на „Bloomberg“ покажуваат и дека војната во Иран и затворањето на Ормускиот Теснец не ги промениле плановите за изградба на нови рафинерии.

Сепак, ограничените можности за извоз ги принудуваат земјите во регионот да размислуваат за алтернативни извозни маршрути, складишта и друга инфраструктура поврзана со транспортот и логистиката на нафтените производи.