Да останеш без работа на 25 години е проблем, но да добиеш отказ на 50 или 55 години за многумина во Македонија значи вистинска мака. До пензија има уште многу, сметките мора да се плаќаат, а на огласите за вработување често се бараат помлади кандидати. Сепак, недостигот од работници полека ја менува состојбата. Во одредени дејности работодавачите сè почесто се подготвени да ангажираат и луѓе кои ја поминале педесеттата година.
Најголеми можности за повозрасните работници има во трговијата, угостителството, текстилната индустрија, обезбедувањето, производството и дел од услужните дејности. Таму каде што недостига кадар, годините сè помалку се пречка за вработување.
Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека во Македонија има илјадници граѓани над 50 години кои активно бараат работа. Според објавените податоци од август годинава, на пример, без работа биле 11.531 лице на возраст од 50 до 54 години, додека во групата од 55 до 59 години имало 12.745 невработени. Уште 11.154 граѓани на возраст од 60 до 65 години барале вработување.
Од друга страна, компаниите постојано пријавуваат потреба од нови работници. Анкетното истражување на Агенцијата за вработување покажало дека речиси 62 проценти од анкетираните работодавачи планирале нови вработувања, најмногу во индустријата, трговијата и градежништвото.
Трговијата е една од дејностите во кои повозрасните граѓани можат да бараат шанса за ново вработување. Супермаркетите, помалите продавници и магацините имаат потреба од продавачи, касиери, магационери и работници за редење стока.
Работата не е секогаш лесна. Се работи во смени, неретко и за викенди, а дел од позициите бараат постојано стоење. Сепак, за многу работни места не е неопходно претходно искуство во трговијата.
Слична е состојбата и во угостителството. Рестораните, хотелите и кетеринг-компаниите имаат потреба од помошен персонал во кујните, работници за подготовка на храна, миење садови и одржување хигиена.
За кандидатите кои веќе работеле во кујна или во угостителски објект, претходното искуство може да биде предност.
Посебна можност постои и во текстилната индустрија, особено за жените кои со години работеле во конфекции. Шивачки, кројачки, пеглачки и работнички за контрола на квалитет се професии во кои практичното знаење има голема тежина.
Кај мажите над 50 години, меѓу можните работни ангажмани се обезбедувањето, портирската служба и контролата на влез и излез во деловни и индустриски објекти. За дел од овие позиции се потребни соодветни дозволи, додека кај други пресудни се одговорноста, редовноста и способноста за работа во смени.
Можности има и во производствените погони, каде што се бараат работници за пакување, сортирање, контрола на производи и помошни операции.
Економските аналитичари укажуваат дека недостигот од работна сила ги принудува компаниите да го прошират кругот на кандидати. Сепак, тоа не значи дека сите повозрасни работници лесно доаѓаат до вработување. Посебен проблем имаат оние кои со години не работеле или немаат вештини што ги бараат современите компании.
Од Министерството за економија и труд потврдуваат дека долгорочно невработените лица можат да се вклучат во активните мерки за вработување.
„Една од целните групи се долгорочно невработени лица“, посочуваат од Министерството, објаснувајќи дека станува збор за активни баратели кои се евидентирани подолго од една година. Тие можат да учествуваат во мерките предвидени со годишните оперативни планови.
Но, има и ограничувања. Дел од програмите имаат старосни граници, додека кај одредени мерки предност добиваат помладите кандидати и другите приоритетни категории.
За граѓаните кои ја поминале педесеттата година, важна можност остануваат и сезонските ангажмани, особено во земјоделството, туризмот и угостителството.
Иако недостигот од кадар отвора повеќе работни места, не секое од нив нуди пристојна плата или сигурно вработување. За човек кој има 55 години и останал без работа, изборот често се сведува на тоа што може да најде во својот град, колку физички може да издржи и дали платата ќе му ги покрие месечните трошоци.
А до пензија, сепак, треба да се издржат уште неколку години.
Б.З.М.