МАКЕДОНИЈА

Имаат работа и плата, ама уште спијат во детската соба

Имаат по триесет години, работат, заработуваат, излегуваат со друштво, но сè уште живеат со тато и мама. За голем дел од младите во Македонија, иселувањето од родителскиот дом останува план што постојано се одложува. Некои немаат пари за кирија, други не можат да си дозволат станбен кредит, а на трети едноставно им е поудобно дома. Најновите европски статистики покажуваат дека Македонците се меѓу оние што најдоцна се осамостојуваат, а особено впечатливо е тоа што мажите остануваат со родителите значително подолго од жените.

Според најновите податоци на Евростат, објавени во септември 2026 година, младите во Македонија го напуштаат родителскиот дом на просечна возраст од 30,7 години. За споредба, просекот во Европската Унија изнесува 26,3 години. Тоа значи дека младите кај нас се осамостојуваат повеќе од четири години подоцна од нивните европски врсници.

Уште поинтересна е разликата меѓу мажите и жените. Македонците остануваат во родителскиот дом до просечна возраст од 33,6 години, додека Македонките се иселуваат на 27,6 години. Разликата е цели шест години. Во Европската Унија, пак, мажите се осамостојуваат на 27,2 години, а жените на 25,5 години.

Овие бројки ја сместуваат Македонија меѓу европските земји со најдоцно осамостојување. Во Финска младите си заминуваат од родителскиот дом на околу 21 година, во Данска на неполни 22 години, додека во Хрватска просекот достигнува 31,5 години.

Но, зошто младите кај нас толку долго остануваат со родителите?

Една од главните причини се парите. Дури и кога млад човек има редовно вработување, самостојното живеење подразбира цела низа трошоци. Кирија, струја, вода, греење, храна, интернет, превоз… Кога сите овие сметки ќе се соберат, за штедење често останува многу малку.

Економистите посочуваат дека редовната плата сама по себе не гарантира финансиска независност. Особено тешко е за младите што сакаат да купат сопствен стан, бидејќи покрај високата цена на недвижностите, треба да обезбедат и почетно учество за станбен кредит. За многумина тоа е невозможно без помош од родителите.

Ваквата состојба ја потврдува и новото истражување на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), претставено во Скопје во јули годинава. Истражувањето покажува дека младите се соочуваат со сериозни економски пречки при осамостојувањето, а недостигот од сопствен дом влијае и врз одлуките за брак и создавање семејство.

„Кога недостасува една алка од овој синџир, секој следен животен чекор се одложува или запира“, посочија од УНФПА при претставувањето на истражувањето.

Во анализата се наведува дека младите прво сакаат стабилно вработување, потоа сопствено живеалиште, па дури тогаш размислуваат за брак и деца. Истражувањето опфатило повеќе од 13.500 испитаници на возраст од 18 до 39 години од 11 земји и територии, меѓу кои и Македонија. Станува збор за онлајн истражување, чии резултати не се целосно национално репрезентативни.

Но, не е сè до ниските примања и скапите станови.

Во Македонија семејните врски традиционално се силни, а заедничкото живеење на неколку генерации не е ништо необично. Родителите често продолжуваат финансиски да им помагаат на децата и откако тие ќе се вработат, додека дел од младите немаат голема желба да ја напуштат удобноста на семејниот дом.

Претходните истражувања за младите покажаа дека дел од нив остануваат со родителите затоа што така им е наједноставно, додека други би сакале да живеат самостојно, но немаат доволно пари.

И додека во дел од европските земји иселувањето по завршувањето на школувањето е вообичаена работа, во Македонија тоа често се случува дури по стапувањето во брак. Дотогаш, многумина продолжуваат да ја делат истата адреса со родителите, без разлика дали имаат 25, 30 или повеќе години.

За едни тоа е финансиска нужност, за други практично решение. А кај дел од младите, тато и мама сè уште се најсигурната адреса.

Б.З.М.