Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, оствари работни средби со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во рамките на Годишните средби на ММФ и Групацијата на Светската банка, коишто се одржуваат во Бангкок, Тајланд. На средбите присуствуваше и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Гувернерот Славески се сретна со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Матеуш Шчурек, извршниот директор на ММФ, Јерун Клик, и заменикот на извршниот директор, Марникс ван Рај. Во разговорите беа разгледани макроекономските движења и изгледи, предизвиците во глобалното економско окружување, оцените и проекциите во најновиот Светски економски преглед (ВЕО), состојбите во банкарскиот сектор, како и натамошното унапредување на соработката меѓу Народната банка и ММФ.
Во услови на продолжени геополитички превирања беше истакната потребата од внимателно следење на движењата на надворешните ризици и нивното влијание врз домашната економија. Беше нагласено дека македонската економија покажува отпорност и покрај надворешните предизвици, а стабилизацијата на инфлацијата создава поповолна основа за нејзино натамошно враќање кон проектираните нивоа. Сепак, неизвесностите на светските пазари и домашните инфлациски притисоци бараат претпазливост во водењето на макроекономските политики, координација меѓу нив и одржување на стабилноста на девизниот пазар и соодветното ниво на девизните резерви.
Во однос на банкарскиот систем беше истакнато дека тој останува стабилен и отпорен, со висока капитализираност, солидна ликвидност и добар квалитет на кредитното портфолио. Овие показатели ја потврдуваат способноста на банките да се справат со потенцијалните ризици и да продолжат да ја поддржуваат економската активност во услови на зголемена глобална неизвесност.
Делегацијата на Народната банка оствари средби и со претставници на одделите за статистика, правни работи и монетарни и капитални пазари на ММФ. Беа разгледани досегашните резултати и можностите за понатамошно унапредување на соработката во областа на монетарната политика и статистиката, јакнење на институционалните капацитети и усогласување со меѓународните стандарди.
Беше потврдена заемната определба за продолжување на успешната соработка меѓу Народната банка и ММФ, којашто придонесува за унапредување на централнобанкарските функции и зајакнување на отпорноста на домашната економија.