Владите ширум светот мора итно да преземат мерки за справување со предизвиците што произлегуваат од неурамнотежениот бум на вештачката интелигенција (AI), продолжениот енергетски шок поради војната во Иран и рекордно високите нивоа на задолженост.
Ова го изјави генералната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, пред состанокот со раководителите на економските ресори од целиот свет, кој ќе се одржи следната недела, пренесува „Bloomberg“.
„Трката за развој на вештачката интелигенција го забрзува економскиот раст, но засега тој е концентриран во само неколку земји“, изјави Георгиева во средата во Сингапур, неколку дена пред годишните средби на ММФ и Светската банка во Бангкок.
Во меѓувреме, се очекува ограничувањата во снабдувањето со клучни суровини, предизвикани од војните на Блискиот Исток и во Украина, да продолжат и во 2027-ма година. Истовремено, наглиот раст на приносите на обврзниците ги става владите со прекумерно висок долг под сè посилен буџетски притисок, изјави Георгиева. Во однос на задолженоста, таа ги оцени развиените економии како „најголемите прекршители“.
„Бумот во изградбата на инфраструктура за вештачка интелигенција создава инфлациски притисок. Шоковите во цените на енергенсите и храната се инфлациски. Царините, трошоците за одбрана и високиот јавен долг, исто така, можат да предизвикаат инфлација“, изјави Георгиева.
Таа ги повика централните банки да одржуваат умерено рестриктивна монетарна политика и предупреди дека земјите навикнати на големи буџетски дефицити се соочуваат со „многу тешки одлуки“.
Состанокот на министрите за финансии и гувернерите на централните банки во Бангкок се одржува во услови на потреси на пазарите на државни обврзници. Приносите на американските, европските и јапонските обврзници достигнаа највисоки нивоа во последните неколку децении. Според податоците на Институтот за меѓународни финансии, вкупниот глобален долг веќе надминува 365 билиони долари.
„Во последните 17 години централните банкари имаа релативно лесен период, бидејќи во текот на целото тоа време каматните стапки беа пониски од стапките на раст на бруто-домашниот производ (БДП). Сега повисоките каматни стапки ја менуваат сликата“, изјави Георгиева.
Истовремено, бранот инвестиции во вештачката интелигенција, како и очекувањата за економските придобивки од нив, продолжува да ги турка цените на акциите кон нови рекордни нивоа. Тоа, исто така, придонесува за рекорден извоз на водечките азиски производители на чипови и друга опрема.
Распродажбата на обврзниците започна откако САД и Израел го нападнаа Иран во февруари, што го прекина снабдувањето со горива и ги зголеми трошоците ширум светот. Георгиева изјави дека енергетскиот шок досега бил „голем, но ставен под контрола“.
Сепак, таа предупреди дека ценовниот притисок би можел дополнително да се засили со приближувањето на студените месеци на северната хемисфера, кога побарувачката расте, а земјите почнуваат да ги обновуваат своите резерви.
„Развојот на инфраструктурата за вештачка интелигенција ја зголемува побарувачката за енергенси, а истовремено носи ризик од продлабочување на економската нееднаквост“, предупреди Георгиева.
„Растот на трговијата поврзана со вештачката интелигенција го одразува инвестицискиот бум во економиите вклучени во синџирот на создавање вредност“, изјави таа, но додаде дека тој во голема мера ги заобиколува повеќето други економии.