Побарувачката за туристичко сместување во Европа се очекува да порасне за една третина во следната деценија, а се предвидува и зголемување на патувањата во рамките на самиот континент. Ова го покажува истражувањето објавено од хотелската групација „Accor“, а го пренесува „Euronews“.
Во својот нов извештај, насловен „Променливиот лик на туристичката карта на Европа до 2036-та година“, хотелската групација оценува дека Европа ќе „остане двигател на светската туристичка индустрија во следната деценија“.
Врз основа на податоците собрани од „Tourism Economics“, по нарачка на „Accor“, извештајот предвидува дека бројот на ноќевањата ќе се зголеми за 32 отсто во периодот од 2026-та до 2036-та година, односно за дополнителни 1,6 милијарди ноќевања годишно. Се очекува ноќевањата во хотелите да бележат уште побрз раст, од 33 отсто.
Во 2025-та година Европа пречекала 810 милиони странски посетители, повеќе од кој било друг регион во светот. Континентот привлекол 53 отсто од сите меѓународни туристи и остварил повеќе од 700 милијарди евра приходи од меѓународниот туризам.
„Во основата на овој раст се наоѓаат повеќе фактори: промените во туристичките текови, инвестициите во инфраструктурата, појавата на нови дестинации и зголемената меѓународна мобилност“, наведуваат од „Accor“ во извештајот.
„Силата на Европа како туристичка дестинација лежи во нејзината разновидност. Малку региони можат да понудат толку различни туристички можности на толку релативно мала територија“, се наведува во документот.
„Од големите меѓународни центри и крајбрежните дестинации до скијачките центри, културните средишта, националните паркови, локалитетите на културното наследство, гастрономскиот туризам и фестивалите – трајниот интерес за Европа се должи на нејзиниот исклучително разновиден мозаик од пејзажи, јазици и култури“, се посочува во извештајот.
Значителен раст на новите туристички дестинации
Од „Accor“ прогнозираат дека бројот на ноќевањата што странските туристи ќе ги остварат во сите видови сместувачки капацитети ќе се зголеми за 42 отсто во следните 10 години. За споредба, кај домашните туристи се очекува поумерен раст од 24 отсто.
Се предвидува дека најголемиот дел од туристите ќе доаѓаат од самата Европа. Според податоците, 77 отсто од посетите ќе бидат реализирани од луѓе кои патуваат во рамките на континентот.
Германија се очекува да биде најзначајниот пазар од кој ќе доаѓаат туристите, со удел од 14 отсто од вкупните пристигнувања. По неа следуваат Велика Британија со осум отсто и Франција со пет отсто. Во првите пет се и САД со пет отсто и Холандија со четири отсто.
Кога станува збор за конкретни туристички дестинации, до 2036-та година Германија ќе стане најголем извор на туристи за Франција и Полска. Холандија ќе биде водечки пазар за Германија, британските туристи ќе ја сочинуваат најголемата група посетители во Шпанија, додека Американците ќе бидат најбројни меѓу странските посетители на Велика Британија.
Раст се очекува и кај туристичките дестинации во развој на континентот. Иако земји како Франција, Велика Британија и Германија веројатно ќе ја задржат високата популарност, бројот на ноќевањата на странските туристи во Азербејџан се очекува да се зголеми за 116 отсто во следните 10 години. За Латвија се прогнозира раст од 83 отсто, а за Романија од 82 отсто.
Не се очекува да забави ниту побарувачката од меѓународните пазари. Според прогнозите, бројот на туристите од Блискиот Исток и Азија нагло ќе се зголеми во следната деценија – за 93, односно 88 отсто.
Бројот на посетители од Саудиска Арабија во Европа ќе порасне за 55 отсто, додека пристигнувањата од Кина се очекува да се зголемат за 138 отсто.
Истовремено, бројот на туристите од Африка ќе се зголеми за 46 отсто, а од Јужна и Северна Америка за 42, односно 26 отсто.