СВЕТ

ЕУ планира нови ограничувања за увозот од Кина од почетокот на 2027-ма

Европската Унија (ЕУ) планира да воведе заштитни мерки за да го намали увозот на производи од Кина во сектори како хемиската индустрија, мебелот и машините, објави „Bloomberg“.

Мерките би можеле да бидат претставени уште во првиот квартал од 2027-ма година, откриваат извори запознаени со плановите на Унијата.

Европската комисија (ЕК) настојува да воведе нови ограничувања за увозот од Кина, по примерот на мерките што Брисел ги презеде против приливот на хибридни возила произведени во Кина. ЕК и Пекинг се договорија да го ограничат увозот на овој вид автомобили на 350.000 годишно.

Најновите потези се дел од пошироките напори на ЕУ за намалување на огромниот трговски дефицит со Кина, кој минатата година достигна 360 милијарди евра. ЕК се обидува да ја поттикне домашната индустрија, без да предизвика возвратни мерки од Пекинг.

„Нашите индустрии повикаа на преземање мерки. Ги слушнавме и ќе одговориме, вклучително и со некои дополнителни заштитни мерки“, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, претходно овој месец.

Заштитните мерки ѝ овозможуваат на ЕУ да го ограничи увозот на производи од одреден сектор доколку се забележи нагло зголемување на увозните количини. Унијата веќе почна да ги анализира податоците за трговската размена.

Мерките може да се спроведат преку увозни квоти, како во случајот со хибридните возила, или преку царински квоти, со кои се наплаќа царина за увозот што надминува одреден обем.

ЕУ може да одлучи да ги воведе мерките еднострано, без согласност од Пекинг.

Кинеското Министерство за трговија претходно овој месец изјави дека ЕУ „не може да очекува придобивки преку вршење притисок“ и не треба да ја потценува „решителноста и способноста на земјата да ги брани сопствените интереси“.

Како и мерките што треба да се преземат за хибридните автомобили, но и претходната мерка на Унијата за челикот, новите заштитни механизми ќе бидат во согласност со правилата на Светската трговска организација (СТО). Тие ќе се применуваат и врз други земји надвор од Европската економска област, додаваат изворите.

Трговскиот дефицит на ЕУ со Кина е значително поголем од оној што се однесува на хибридните автомобили. Графикон: „Bloomberg“

ЕК има намера во следните недели да ги претстави предлозите за спроведување на ограничувањата за хибридните возила, со цел тие да стапат во сила во декември. Мерките ќе важат четири години, а квотата за Кина ќе се зголемува за шест отсто годишно, по првата година од примената на ограничувањето. Квотите за возилата од други земји, како Јапонија и Јужна Кореја, ќе се утврдуваат според сличен принцип.

Евтините, а понекогаш и субвенционирани производи од Кина го преплавуваат европскиот пазар, нанесувајќи им штета на домашните индустрии и загрозувајќи ги работните места. Ова, во комбинација со намалената побарувачка и ограничениот пристап до кинескиот пазар за голем број европски производи, доведе до огромен трговски дефицит, кој надминува една милијарда долари дневно и продолжува да расте.

Лидерите на ЕУ беа едногласни на самитот во Брисел претходно овој месец, барајќи од извршните институции на Унијата брзо да преземат мерки во сите економски сектори и да воспостават нови механизми со кои ќе се намали трговскиот дефицит и ќе се одврати Кина од преземање возвратни мерки.

ЕК планира пред средината на декември да претстави предлози за инструмент за диверзификација на снабдувањето, како и механизам за брзо реагирање на какви било агресивни трговски потези. Тоа би можело да се постигне со ограничување на пристапот до единствениот пазар на Унијата за одредени стоки и услуги, преку механизми што би биле пофлексибилни и би имале поширок опсег од оние што се достапни во моментов.

Не е јасно дали Пекинг е подготвен да прифати дополнително ограничување на својот извоз во ЕУ. Кина остро реагира на можноста Унијата на овој начин да ги заштити своите индустрии.

На почетокот на следната година, еврокомесарот за трговија Марош Шефчович треба да направи преглед на досега постигнатиот напредок и да разговара за следните чекори со своите кинески колеги.

Досега постигнатите договори ќе доведат до намалување на царините што Пекинг ги наплаќа за одредени автомобилски делови, маслиново масло и сладолед. ЕУ, исто така, настојува да го подобри пристапот до кинескиот пазар и да ги поедностави процедурите за извоз на критични минерали и трајни магнети.