МАКЕДОНИЈА

Експертите бараат од Регулатрона плус период за евтина струја, да нема скапа тарифа за заедничките простории во зградите, и секој граѓанин да знае што точно плаќа во сметките!

На подготвителна седница во Регулаторната комисија за енергетика се разгледа Предлог Тарифниот систем за продажба на електрична енергија од универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај. На седницата свои претставници имаа и ИНРМ: Дениз Мустафаноглу и Петар Трајков кои поднесоа забелешки на предлог тарифникот.

Според Инженерите на Македонија во Тарифниот систем потребно е да се зголеми периодот на евтина струја за граѓаните. Тие предлагаат поставување на сезонска и неделна диференцијација на евтината и скапата струја за домаќинствата со зголемување на периодите на евтина тарифа за домаќинствата. Потоа се бара потрошувачката на електрична енергија за заеднички простории во зградите како што се лифтови, хидрофори, осветление да не се наплаќа по скапата тарифа, бидејќи станува збор за неопходна, а не луксузна потрошувачка.

Експертите по енергетика инсистираат на целосна транспарентност во прикажување на вредностите во фактурите, со јасно раздвојување на трошоците за пренос, дистрибуција и пазар на електрична енергија – за секој граѓанин да знае што точно плаќа, дополнително во барањата стои и дека коефициентите за формирање на цените по блоковите да бидат однапред утврдени, јавно објавени и одобрени од РКЕ, а не да ги одредува универзалниот снабдувач без јавна контрола.

„Се предлага враќање на постапката од 2022 година, каде што РКЕ ја води јавната расправа и ги објавува сите релевантни податоци за формирање на цената на струјата, наместо потрошувачите да се упатуваат кај ЕВН да даваат мислења без пристап до соодветни и транспарентно објавени информации и се бара бришење на формалната „изјава за веродостојност“, бидејќи таа не може да ја замени редовната теренска и финансиска контрола од страна на регулаторот“, ова се барањата на ИНРМ.

Во актуелниот Тарифен систем стои дека, со овој тарифен систем се уредуваат елементите за пресметка на продажните цени за електрична енергија од страна на универзалниот снабдувач, начинот на пресметка на продажната цена за електричната енергија на потрошувачите коишто ги снабдува снабдувачот во краен случај, како и начинот на фактурирање на надоместоците за користење на преносниот и дистрибутивниот систем за потрошувачите снабдувани од универзалниот снабдувач, утврдени во согласност со соодветниот тарифен систем за дистрибуција на електрична енергија.

Тарифниот систем има за цел да поттикне рационално и ефикасно користење на електричната енергија, да обезбеди покривање на трошоците за набавка на електрична енергија, пренесените трошоци и маржата за универзалниот снабдувач. Во смисла на овој тарифен систем како потрошувачи се сметаат категориите мали потрошувачи и домаќинства дефинирани во Законот за енергетика коишто се снабдуваат од универзалниот снабдувач, а како големи потрошувачи се сметаат потрошувачите коишто не ги исполнуваат критериумите за мал потрошувач утврдени во Законот за енергетика и коишто се снабдуваат од снабдувачот во краен случај.

Регулаторната комисија за енергетика се уште нема одлучено по барањата на ИНРМ, дали ќе ги прифати или не.

И.П