Планови има насекаде. Во тетратки, во мобилни телефони, во табели на компјутер, на ливчиња залепени на фрижидер. Ќе штедам повеќе. Ќе најдам подобра работа. Ќе го развијам бизнисот. Ќе бидам поорганизиран. Проблемот обично не е во желбата, туку во тоа што по неколку недели списокот останува список, а секојдневието си тера по старо.
Токму тука се појавува една необично едноставна деловна тактика: наместо десет цели, изберете само три збора.
Методот со години го користи познат деловен стратег и советник, а идејата е трите избрани зборови да бидат нешто како личен компас за работата, финансиите или приватниот живот. Не се работи за новогодишни желби, туку за кратки зборови што треба постојано да ве потсетуваат во која насока сакате да одите.
Еден од првите примери бил едноставен: „Прашај. Направи. Сподели“.
Логиката зад тоа била уште поедноставна. Кога прашувате, учите. Кога ќе го примените наученото, стекнувате искуство. Кога ќе го споделите со други, создавате нови контакти и можности. Три збора, а зад нив цела работна навика.
Во македонски услови тоа може да изгледа многу попрактично отколку што звучи.
Сопственик на мал дуќан, на пример, може да избере: „Штеди. Подобри. Продај“. Некој што започнува сопствен бизнис би можел да се води според „Пробај. Учи. Напредувај“. Вработен кој сака промена на работното место може да си постави „Научи. Побарај. Одлучи“.
Нема магија во зборовите. Поентата е тие да ве тераат на конкретна постапка.
Познавачите на деловното планирање велат дека токму тука најчесто се греши. Луѓето избираат убави, но премногу широки поими. „Успех“, на пример, звучи добро, но не кажува што треба да направите во понеделник наутро. „Продади“, „научи“, „заврши“ или „заштеди“ веќе бараат нешто конкретно.
Советот е зборовите да не бидат цели реченици и зад нив да нема по десет различни толкувања.
„Не избирајте фрази. Бидете конкретни“, гласи една од препораките во оваа деловна техника. Наместо „да напишам книга“, подобро е да се избере збор што означува акција. Наместо нешто нејасно како „големо“, многу покорисно е „зголеми“.
Друг важен дел е зборовите да не се менуваат секој месец.
Ако во јануари сте решиле дека ќе се водите според „штеди“, а веќе во февруари сте го замениле со нешто сосема друго затоа што ви здодеало, тогаш целата идеја ја губи смислата. Методот бара истите зборови да останат доволно долго за да почнат да влијаат врз секојдневните одлуки.
„Нека бидат што појасни и што поедноставни“, е уште една од препораките.
И не мора да им звучат паметно на другите. Треба да имаат значење за човекот што ги избрал.
Економистите и деловните советници често предупредуваат дека луѓето знаат да си постават премногу цели одеднаш. Поголема плата, нов автомобил, отплата на кредитот, дополнителна работа, сопствен бизнис, повеќе слободно време… На хартија изгледа одлично. Во пракса, вниманието се распарчува.
Со три збора работата е поинаква. Секогаш можете да се вратите на истото прашање: дали ова што го правам денес оди во насока на моите три збора?
Некој ќе избере „План. Работа. Пари“. Друг: „Дом. Мир. Штедење“. Трет: „Учи. Расти. Заврши“.
Нема точна комбинација. Само три збора што треба да ви значат нешто. И потоа, нормално, треба нешто и да направите со нив.
Б.З.М.