СВЕТ

Една каматна стапка, три ценовни реалности: Зошто инфлацискиот шок во Европа нема ист ефект насекаде?

Три држави делат иста валута и иста основна каматна стапка, но инфлацијата во нив се разликува повеќе од двапати, пишува „Euronews“.

Во септември годишната инфлација изнесувала 2,7 проценти во Финска, 3,3 проценти во Германија и 6,1 процент во Литванија, покажуваат податоците на „Eurostat“, објавени во октомври. Просечната инфлација во еврозоната изнесувала 3,8 проценти. И трите држави се соочуваат со истата каматна стапка на депозитите, што Европската централна банка (ЕЦБ) ја утврди на 2,5 проценти.

Енергетски шок со нерамномерно влијание

Заедничкиот фактор се енергенсите. Податоците на „Eurostat“ покажуваат дека цените на енергенсите во еврозоната во септември се зголемиле за 18,9 проценти, придонесувајќи со 1,71 процентен поен во инфлацијата, односно речиси половина од вкупната стапка. Без цените на енергенсите, инфлацијата во еврозоната изнесувала 2,3 проценти.

Начинот на кој овој шок се одразува врз одделните држави зависи од нивниот енергетски микс, даночната политика и состојбата на домашната економија.

Литванија: Енергенси, даноци и плати

Литванија се наоѓа на горниот крај од инфлацискиот распон, но храната не е причината за тоа. Податоците на „Eurostat“ покажуваат дека инфлацијата кај храната, алкохолот и тутунските производи изнесувала 0,5 проценти, додека цените на енергенсите скокнале за 33 проценти, а инфлацијата кај услугите достигнала 6,9 проценти.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) го објаснува наглото забрзување на инфлацијата со високите цени на енергенсите, во услови на продолжена зависност од увоз, силна домашна побарувачка и зголемени акцизи.

И политичките одлуки придонеле за притисокот врз цените. Од јануари, Литванија го зголемила ДДВ за греење на домовите, топла вода и огревно дрво од девет на 21 процент. Во предлог-буџетот владата пресметала дека само промената кај греењето ќе додаде 0,5 процентни поени на инфлацијата.

Притисокот се шири и надвор од горивата и греењето. Според податоците на „Eurostat“, базичната инфлација во Литванија, во која не се вклучени храната, енергенсите, алкохолот и тутунските производи, изнесувала 3,9 проценти.

Литванската централна банка очекува просечните плати во 2026 година да пораснат за 9,4 проценти, додека Европската комисија (ЕК) ја поврзува инфлацијата кај услугите со силниот раст на платите и зголемувањето на минималната плата за 11,1 процент.

Повисоките плати можат да ја подобрат финансиската состојба на многу вработени. Пензионерите, корисниците на социјална помош и домаќинствата со ниски приходи, сепак, се поранливи, особено кога плаќаат високи сметки за енергенси.

Постои и ризик од секундарни инфлациски ефекти. Компаниите во услужните дејности со голем удел на работна сила можат да ги префрлат повисоките трошоци за труд врз клиентите, со што би ја одржувале инфлацијата на високо ниво и откако енергетскиот шок ќе ослабне.

Финска: Ублажен удар и слаба економска активност

Податоците на „Eurostat“ покажуваат дека Финска се соочува со сличен енергетски шок, при што инфлацијата кај енергенсите достигнала 13,1 процент. Вкупната инфлација, сепак, останала на ниво од 2,7 проценти.

Според Европската комисија, релативно ниската зависност на земјата од фосилни горива го ублажила ударот. Финската статистичка служба утврдила дека поевтинувањето на електричната енергија и трошоците за домување во сопствените домови го ограничиле растот на националниот индекс на потрошувачките цени, и покрај поскапувањето на бензинот, дизелот и горивото за греење.

Внатрешниот ценовен притисок е слаб. Според податоците на „Eurostat“, базичната инфлација изнесувала 1,4 проценти, а инфлацијата кај услугите 1,7 проценти.

Финската централна банка очекува стапката на невработеност во 2026-та година да достигне 10,4 проценти, додека Европската комисија предвидува раст на бруто-домашниот производ (БДП) од 0,8 проценти.

Финската статистичка служба наведува дека номиналните плати во третото тримесечје пораснале за 3,5 проценти на годишно ниво, односно за 1,2 проценти во реална вредност, кога се зема предвид инфлацијата.

Оваа комбинација помага да се објасни зошто во Хелсинки евентуалното ново зголемување на каматните стапки би можело да се смета за претерано рестриктивна мерка.

Германија: Нагло поскапување концентрирано кај горивата

Германија зазема средна позиција. Податоците на „Eurostat“ покажуваат инфлација кај енергенсите од 13,4 проценти и базична инфлација од 2,5 проценти.

Германската статистичка служба „Destatis“ наведува дека во националниот индекс цените на автомобилските горива се зголемиле за 37,1 процент, а цените на горивото за греење за 74,9 проценти. Доколку се исклучат овие две категории, инфлацијата изнесува 1,8 проценти.

Притисокот од растот на платите е умерен. Договорените плати во август пораснале за 2,9 проценти на годишно ниво, а „Bundesbank“ го предвидува истиот просечен раст за 2026-та година. Според податоците на „Eurostat“, инфлацијата кај услугите изнесувала 2,8 проценти.

Политичките мерки дополнително ја усложнуваат сликата. Постојните федерални мерки ги намалиле цените на електричната енергија, природниот гас и централното греење, а новото намалување на данокот на горивата стапило во сила на 1-ви октомври, па затоа не е опфатено во септемвриските податоци.

Националните мерки можат да ја менуваат измерената инфлација од месец во месец, без да ја менуваат суштината на заедничкиот европски шок.

Што значи една заедничка каматна стапка?

Во септември, ЕЦБ ја зголеми каматната стапка на депозитите од 2,25 на 2,5 проценти, наведувајќи дека војната меѓу САД и Израел против Иран ја одржува инфлацијата над целното ниво и дека целосното влијание на енергетскиот шок сè уште не се почувствувало.

Ако од каматната стапка на ЕЦБ се одземе вкупната инфлација во секоја земја, се добива приближна ориентација за реалната каматна стапка: минус 0,2 проценти во Финска, минус 0,8 проценти во Германија и минус 3,6 проценти во Литванија.

Ова е поедноставена пресметка врз основа на податоците на ЕЦБ и „Eurostat“, а не вистинска мерка за реалните каматни услови. Причината е што домаќинствата и компаниите ги носат своите одлуки врз основа на очекуваната инфлација и се соочуваат со различни трошоци за задолжување.

Предизвиците за монетарната политика се разликуваат од земја до земја.

Слабиот економски раст и високата невработеност во Финска се аргументи против заострувањето на монетарната политика. Во Германија, нивото на каматните стапки полесно може да се оправда со оглед на базичната инфлација од 2,5 проценти, но забрзувањето во септември речиси целосно се должи на поскапувањето на горивата и горивото за греење.

Во Литванија, каматната стапка изгледа ниска во споредба со инфлацијата од 6,1 процент, иако повисоките камати не можат да го поништат зголемувањето на ДДВ или да ги намалат цените на увезените горива. Нивното дејство се остварува преку ограничување на побарувачката и на секундарните инфлациски ефекти.

Влијанието на монетарната политика исто така варира. Истражување на ЕЦБ покажува дека таа дејствува побрзо и посилно во земјите каде што се позастапени кредитите со променливи каматни стапки и задолженоста на домаќинствата.

Литванија е меѓу земјите во кои хипотекарните кредити со променливи каматни стапки и кратките периоди меѓу нивните приспособувања имаат значителен удел.

Истовремено, неодамнешно истражување што го опфаќа периодот од 2000-та до 2025-та година покажува дека реакцијата на економскиот раст и инфлацијата на монетарната политика е помалку нерамномерна отколку што често се претпоставува, бидејќи некои структурни разлики меѓу државите меѓусебно се неутрализираат.