СВЕТ

ЕЦБ предупредува на можен нов берзански потрес поради бумот на „AI“

Европската централна банка (ЕЦБ) предупредува дека огромните вложувања во вештачката интелигенција може да создадат сериозни ризици за глобалните финансиски пазари.

Доколку очекувањата за профитабилноста на оваа технологија не се остварат, вредноста на технолошките акции би можела нагло да падне, со последици за инвеститорите, фондовите и граѓаните.

Особено загрижувачка е изложеноста на домаќинствата во еврозоната, кои преку директни вложувања и инвестициски фондови поседуваат американски технолошки акции во вредност од околу 440 милијарди евра.

На ризиците предупреди потпретседателот на ЕЦБ, Борис Вујчиќ, на конференцијата „Euro Finance Week“ во Франкфурт. Според него, евентуалното разочарување од заработката што треба да ја донесе вештачката интелигенција може да предизвика потреси не само на берзите, туку и на пазарите на обврзници и кај инвестициските фондови.

Зад оптимизмот во технолошкиот сектор стојат инвестиции од огромни размери. Најголемите американски технолошки компании се очекува до 2030-та година да вложат вкупно 5,5 билиони долари, најголем дел во изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција. Но, сè поголем дел од овие проекти се финансираат со задолжување, а издавањето долговни хартии од вредност во секторот годинава достигнува рекордни нивоа.

ЕЦБ забележува и силен раст на новите излегувања на американските компании на берзата. Според процените на централната банка, капиталот што се собира преку овие котации, во однос на големината на економијата, се приближува до нивоата од периодот на интернет-балонот кон крајот на 1990-тите години.

Анализа објавена на блогот на ЕЦБ покажува дека домаќинствата во еврозоната имаат значителни вложувања во американскиот технолошки сектор. Станува збор за околу 440 милијарди евра инвестирани во акции на компании како „Nvidia“, „Microsoft“, „Apple“, „Amazon“, „Alphabet“, „Meta“ и „Tesla“.

Голем дел од овие средства се пласирани преку инвестициски фондови и берзански тргувани фондови (ETF), што значи дека евентуалниот пад на технолошките акции може да се одрази и врз поширок круг инвеститори, а не само врз оние што директно купиле акции на одделни компании.

Дополнителен проблем може да настане ако инвеститорите почнат масовно да ги повлекуваат парите од фондовите. За да им ги исплатат средствата, фондовите би биле принудени да продаваат акции, што би создало дополнителен притисок врз нивните цени. Падот на вредноста, пак, би можел да предизвика нов бран повлекувања и дополнително да ја продлабочи кризата.

Засега нема објавени податоци за тоа колку граѓаните, инвестициските и пензиските фондови во Македонија се изложени на американскиот технолошки сектор. Поради тоа, не може прецизно да се процени дали и во колкав обем евентуален пад на овие акции би се одразил врз домашниот финансиски систем.

ЕЦБ оценува дека банките во еврозоната располагаат со солидни капитални и ликвидносни резерви, но поголема загриженост предизвикуваат небанкарските финансиски институции, особено инвестициските фондови. Вујчиќ повика на подобро управување со ликвидноста и ограничување на прекумерното задолжување.

Централната банка засега не наведува колкави би можеле да бидат евентуалните загуби, ниту предвидува кога би можел да се случи финансиски потрес. Сумата од 440 милијарди евра ја претставува вредноста на постојните вложувања на домаќинствата во еврозоната, а не веќе настаната или очекувана загуба.

Подетална процена на ризиците се очекува во извештајот за финансиската стабилност на ЕЦБ, чие објавување е најавено за 18-ти ноември.