Некои банки се соочуваат со зголемен притисок поради геополитичката неизвесност и нестабилноста на енергетските пазари.
Банките во еврозоната ги заоструваат условите за кредитирање и бележат намалување на побарувачката за заеми во третиот квартал, што го поддржува претпазливиот пристап на Европската централна банка (ЕЦБ) кон евентуално натамошно зголемување на каматните стапки, објави „Bloomberg“.
Зголемената перцепција на ризикот и намалената подготвеност на банките да преземаат ризици и натаму се главните причини за заострување на кредитните стандарди, се наведува во истражувањето на ЕЦБ за банкарското кредитирање, објавено во вторникот. Некои банки пријавуваат и зголемен притисок поврзан со геополитичката неизвесност и нестабилните енергетски пазари.
„Побарувачката за кредити беше ограничена првенствено поради општото ниво на каматните стапки. Послабата побарувачка за инвестиции во основни средства кај малите и средните претпријатија, како и преминот кон алтернативни извори на финансирање, дополнително влијаеја врз побарувачката за кредити“, наведува ЕЦБ.
Истражувањето беше објавено во пресрет на дводневниот состанок за монетарната политика, на кој се очекува ЕЦБ да ги задржи каматните стапки непроменети. Иако инфлацијата е речиси двојно повисока од целното ниво од два отсто, а економијата покажува отпорност, неодамнешниот остар раст на приносите на долгорочните обврзници дополнително ги зголемува економските предизвици. Меѓу нив е и војната на САД и Израел во Иран.
Банкарското кредитирање има клучна улога во поттикнувањето на економската активност, особено кога станува збор за корпоративните инвестиции. Истовремено, тоа е ран показател за влијанието на монетарната политика врз економскиот раст.
Од јуни наваму, ЕЦБ двапати ги зголемила трошоците за задолжување, со што каматната стапка на депозитите достигнала до горната граница на опсегот што се смета за неутрален во однос на влијанието врз економијата.
Во посебен извештај, објавен во понеделникот, ЕЦБ утврдила дека компаниите пријавуваат поскапување на кредитите и намалена достапност на финансирање во поголема мера од онаа што им е потребна.
Извештајот објавен во вторникот покажува и дека намалувањето на портфолиото на средства на ЕЦБ во текот на изминатата година имало „слабо негативно влијание“ врз условите за пазарно финансирање и ликвидносните позиции на банките.
„Влијанието врз профитабилноста на банките е благо позитивно, при што повисоките нето-приходи од камати делумно се неутрализирани од мали капитални загуби. Банките очекуваат овие ефекти да продолжат и во следните 12 месеци“, се наведува во извештајот.
ЕЦБ соопштила и дека банките бележат постепен, но постојан раст на побарувачката за кредити наменети за финансирање инфраструктура за вештачка интелигенција.
„Повеќето банки наведуваат дека сè уште немаат воведено конкретни квантитативни критериуми за оценување на кредитите поврзани со вештачката интелигенција во рамките на своите кредитни стандарди“, се наведува во извештајот.
Мал дел од банките забележуваат дека примената на вештачката интелигенција и поврзаните ризици сè почесто се земаат предвид при квалитативната процена на кредитокорисниците, при што компаниите од ИТ-секторот се подложени на најстрога проверка.