МАКЕДОНИЈА

Достоинствен живот не значи преживување!

Колку навистина му треба на едно четиричлено семејство? Ова е можеби и најпоставуваното прашање во јавноста откако неколку години веќе континуирано се зголемуваат цените на прехранбените производи, но растат и трошоците за домовање, пред се енергенсите и останатите стоки и услуги кои граѓаните редовно ги користеле или набавувале, а сега дел од нив се вистински луксуз. На оваа тема Сојузот на синдикати на Македонија подготви анализа за движењето на стандардот на македонскиот работник.

Просечна нето-плата за претходната година изнесуваше 45.198 денари, а моменталната Минимална плата изнесува 26.046 денари. Овие податоци покажуваат дека една просечна + една минимална плата, вкупно изнесуваат 71.244 денари. Од друга страна, во септември 2026 година вредноста на Синдикална минимална кошница која ја пресметува и објавува ССМ изнесува 69.432 денари, а со изнајмен стан од 60 м² истата достигнува 84.807 денари. За преживување, односно едвај доволно за да се помине месецот. Пресметката вели дека ако семејството има еден член со просечна и еден со минимална плата, во тој случај располага со 71.244 денари што е само 1.812 денари повеќе од вредноста на Синдикалната минимална кошница.

“Со други зборови, по покривањето на основните трошоци според кошницата, остануваат само 60 денари дневно за целото семејство. Ако семејството плаќа кирија, ситуацијата се менува драстично, и тоа 71.244 – 84.807 = -13.563 денари, односно недостигаат 13.563 денари секој месец. Но, Синдикалната минимална кошница не е мерка за достоинствен живот, Синдикалната минимална кошница е важна мерка за следење на трошоците за основните потреби. Но, животот не завршува со плаќање храна, сметки и основни трошоци. Достоинствен живот подразбира семејството да може да покрие и: здравствени и непредвидени трошоци; образование и потреби на децата; облека и обувки над најнеопходниот минимум; култура, спорт и рекреација; повремено патување или одмор; поправка или замена на апарати и опрема; трошоци за транспорт; создавање финансиска резерва и барем минимална можност нешто да се заштеди“, се наведува во анализата на ССМ.

Затоа може да се направи проекција на достоинствен живот со дополнителен простор од 20 до 30% над минималната кошница, синдикалците како средна проекција, +25% пресметаа дека тоа би значело дека на едно четиричлено семејство би му биле потребни околу 86.800 денари месечно без кирија, односно околу 106.000 денари со кирија, за да има простор над самото покривање на минималните трошоци.

“Што значи тоа во однос на 71.244 денари приход? Со проекцијата од +25%: 86.790 – 71.244 = 15.546 денари. Односно, семејството би имало потреба од приближно 15.500 денари повеќе месечно, дури и без кирија. Со кирија: 106.009 – 71.244 = 34.765 денари. Тогаш ќе недостасуваат речиси 34.800 денари месечно. 71.244 денари не се приход за достоинствен живот. Тоа е приход кој, според денешните трошоци, едвај ја покрива минималната кошница. Ако има кирија, ни тоа не е доволно“, стои во анализата.

Затоа синдикалците велат дека прашањето за платите не треба да биде само: „Дали семејството може да преживее до следната плата, туку -дали приходот му овозможува на работникот и неговото семејство да живеат достоинствено?

Од ССМ додаваат дека една минимална и една просечна плата можеби се доволни за минималната кошница, но не и за достоинствен живот. Затоа потребен е значително повисок семеен приход и токму тука е разликата меѓу плата со која се преживува и плата од која се живее достоинствено.

Синдикалците напоменуваат дека за методологијата: износот од +25% е аналитичка проекција, а не официјална пресметка на „кошница за достоинствен живот“.

И.П