Светот и натаму е во нестабилна состојба: Франција е зафатена од немири поради влошувањето на финансиската состојба, додека во САД и Израел се наѕираат сериозни политички промени.
Продолжува и конфликтот со Иран, во чии рамки се зачестени нападите врз танкери во Ормускиот Теснец, како и нападите на Хутите врз Саудиска Арабија, пишува колумнистот Џонатан Левин во анализа за „Bloomberg“.
Во трката за најдобра сигурна инвестиција, вака изгледаат резултатите за октомври:
– Злато: -6,8%
– Биткоин: -7,4%
– Индекс „Bloomberg Dollar Spot“: +0,3%
Што се случи со тезата дека златото и биткоинот се новите победници во бегството кон сигурноста?
Можеби е време да се прогласи крај на онаа непостојана трговска стратегија заснована на очекувањата за пад на вредноста на доларот, која ја промовираа имиња како Реј Далио од „Bridgewater“ и Кен Грифин од „Citadel“. Според оваа теза, инвеститорите требаше масовно да се откажуваат од американската валута и да се пренасочуваат кон алтернативни инвестиции.
Падот на вредноста на биткоинот се продлабочи кон крајот на минатата недела, откако хакери украле 6,3 милијарди долари од берзата „Binance“ – најголемата кражба од ваков вид во историјата. Тоа ја урна илузијата дека криптовалутите се сигурно средство за зачувување на вредноста. Но, проблемите се многу пошироки од една хакерска кражба. Во текот на изминатата година, падот на цената на биткоинот ја потврди неговата вистинска природа – вложување со финансиска потпора, поврзано со индексот „Nasdaq 100“. Само што во последно време биткоинот ги следи технолошките акции кога тие паѓаат, но не и кога растат.
Цената на биткоинот (бело) и спот-цената на златото (сино). Графикон: „Bloomberg LP“
На пазарот на злато, индивидуалните инвеститори повлекоа милијарди долари од берзански тргуваните фондови (ETF) поврзани со благородниот метал. Побарувачката за златен накит падна на најниско ниво од 2020-та година, а централните банки престанаа да ја обезбедуваат поддршката што ја даваа во периодот од 2022-ра до 2024-та година.
Пред нешто повеќе од една година, Грифин го оцени растот на цените на златото и криптовалутите како предупредувачки сигнал.
Наглиот скок на цените – при што златото поскапе од околу 2.000 долари за тројунца на почетокот на 2024-та година на повеќе од 5.500 долари во јануари 2026-та година, а биткоинот во истиот период порасна од околу 40.000 на повеќе од 120.000 долари – никогаш не беше поврзан со сигурноста или дедоларизацијата. Стануваше збор, пред сè, за шпекулации, а сега таа треска спласна.
Точно е дека странските влади и централни банки, загрижени дека доларот станува оружје во рацете на американската влада, почнаа масовно да купуваат злато откако САД и нивните сојузници ги замрзнаа руските средства по руската инвазија врз Украина. Но, во моментот кога Грифин и други ја прифатија оваа теза, тој тренд веќе го достигнуваше врвот и почнуваше да слабее.
Минатогодишната трговска стратегија заснована на очекувањата за пад на вредноста на доларот се покажа како уште еден интернет-мем – поедноставен слоган за сложениот пазар. Нејзините промотори се повикуваа на застарени информации за активностите на централните банки за да го оправдаат моментумот, кој во голема мера беше поттикнат од малите инвеститори.
Од почетокот на војната во Иран, доларот повторно се наметна како ненадминлив финансиски гигант на светската сцена. Во тој период американската валута зајакна во однос на 14 од 16 главни светски валути, а индексот „Bloomberg Dollar Spot Index“ неодамна го достигна највисокото ниво во последните 17 месеци. Иако упорната инфлација ја намали вредноста на долгорочните американски државни обврзници – како што се случи и со државниот долг на речиси сите други земји – краткорочните должнички инструменти се покажаа подобро од златото и биткоинот.
Дали воопшто имаше основа за загриженоста во врска со доларот? Во тие стравувања имаше зрнце вистина, како што често се случува со популарните инвестициски трендови.
Претседателот Доналд Трамп го искористи Министерството за правда како оружје против независните институции на Федералните резерви и продолжи да одржува неодржлив буџетски дефицит од шест проценти. Во краток период по објавувањето на царините на таканаречениот „Ден на ослободувањето“ во април 2025-та година, довербата на меѓународните инвеститори во американската валута навистина беше разнишана.
Но, тоа не значеше дека златото е подобра алтернатива, а уште помалку биткоинот. Потоа се случија низа настани што ги намалија стравувањата во јавноста, меѓу кои и одлуките на Врховниот суд против царините на администрацијата и нејзиното мешање во работата на централната банка. Тоа беа знаци дека американскиот систем на контрола и рамнотежа на власта сè уште функционира.
Како последица на тоа, се намали интересот за златото како заштита од евентуален колапс на доларот – и тоа со добра причина. Кога станува збор за биткоинот, скептиците отсекогаш се потсмевале на определбата „дигитално злато“, но се покажа дека во неа има одредена доза вистина. Всушност, овој дигитален имот се однесува прилично слично на благородниот метал, иако не на начинот на кој се надеваа и замислуваа неговите приврзаници: неговата вредност се урива токму кога геополитичката неизвесност се приближува до својот врв.