СВЕТ

Доларот го презема приматот: Еврото потона на најниско ниво во последните 16 месеци

Вредноста на еврото во однос на доларот денес падна на најниско ниво во последните 16 месеци, бидејќи инвеститорите ги зголемија инвестициите во американската валута по податоците за значително зголемување на инфлацијата во Соединетите Американски Држави.

Според податоците од берзата Форекс, еврото се продаваше за 1,11251 долари, објавува Trading Economics.

Годишната инфлација во Соединетите Американски Држави се искачи на 3,7 проценти во септември, повеќе од очекуваното, поттикнувајќи ги очекувањата дека Федералните резерви ќе ги задржат каматните стапки на сегашните нивоа или ќе ги зголемат дополнително.

Инвестициите во средства деноминирани во долари, како што се американските државни обврзници, се попривлечни за инвеститорите бидејќи можат да донесат повисоки приноси.

Затоа, инвеститорите купуваат повеќе долари, што ја зголемува побарувачката за американската валута и нејзината вредност во однос на еврото.

Еврото е дополнително погодено од очекувањата дека Европската централна банка (ЕЦБ) ќе го одложи евентуалното ново зголемување на каматните стапки до декември, како и од загриженоста дека повисоката инфлација и поскапите задолжувања би можеле да го забават економскиот раст во еврозоната.

Притисокот врз заедничката европска валута е зголемен и од фискалните проблеми на високо задолжените земји, особено Франција, објавуваат медиумите.