МАКЕДОНИЈА

Сојузот на синдикатите на Македонија го промовираше документарниот филм „ДО ПРВИ“

Како изгледа животот кога од една минимална плата треба да ги платите сметките, да купите храна, да обезбедите превоз, лекови и да ги покриете сите останати основни потреби?

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), во соработка со Меѓународниот центар „Олоф Палме“ и медиумот „Види вака“, ја одржа премиерата на документарниот филм „ДО ПРВИ“.

Во главната улога е пратеничката Моника Зајкова, која го прифати предизвикот една недела да се обиде да живее со минимална плата, односно со неделниот дел од минималните примања.

Една недела во која секој денар се брои, секој трошок значи ново одрекување, а секоја одлука носи ново прашање: што да платиш, а од што да се откажеш?

Ова е реалноста во која живеат илјадници работници во Македонија. Реалност во која минималната плата не е доволна за достоинствен живот, туку за постојано пресметување, одрекување и неизвесност дали ќе се стигне до следната плата, дали ќе се стигне до следниот први, велат од ССМ.

Но, оваа премиера испрати и уште една порака!бПокани за проекцијата беа упатени и до пратениците во Собранието на Македонија.

ССМ сметаше дека токму оние што одлучуваат за законите, платите и животниот стандард на граѓаните треба да покажат интерес да видат како изгледа животот со минимална плата. За жал, нивното отсуство зборува само за себе.

На денешната прес-конференција уште еднаш беше посочено дека работничката сиромаштија не може да се решава со празни ветувања, одложувања и префрлање на одговорноста, туку со конкретни мерки и зголемување на платите.

ССМ со години предупредува дека растот на трошоците за живот ги јаде работничките примања и дека е неопходно зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.

Затоа „ДО ПРВИ“ не е само документарен филм. Тоа е повик да се погледне реалноста во очи.

Благодарност до пратеничката Моника Зајкова за прифатениот предизвик, до Меѓународниот центар „Олоф Палме“ и до тимот на „Види Вака“ за соработката и реализацијата на овој проект, велат од ССМ.

Работниците не бараат луксуз. Не бараат привилегии. Бараат плата од која ќе можат да живеат достоинствено, посочуваат синдикалците.

Зашто платата не треба да биде доволна само ДО ПРВИ, туку за достоинствен живот во текот на целиот месец!