МАКЕДОНИЈА

Денари или евра: Каде исчезнуваат парите ако ги чувате заштедите на трансакциска или во банкарски депозити?

Додека македонските граѓани и понатаму важат за традиционални штедачи кои довербата ја имаат примарно во банкарските трезори, најновите извештаи на Народната банка откриваат еден загрижувачки тренд. Граѓаните во моментов чуваат историски рекорд од над 7,3 милијарди евра во домашните банки, но огромен дел од тие пари стојат на сметки со речиси нула проценти камата, додека тивката инфлација постојано ја намалува нивната вистинска куповна моќ.

Големата дилема за тоа дали заштедите треба да се чуваат во денари или во евра добива сосема нова димензија кога ќе се стават реалните математички пресметки на хартија. Иако еврото со децении нуди чувство на психолошка сигурност кај домашните штедачи, пазарот во моментов нуди двојно поголеми приноси за денарските депозити.

Банките во земјава, со цел да ја поддржат денаризацијата на економијата, за едногодишно или двогодишно рочно штедење во денари, нудат каматни стапки кои се движат од 2,8 до 3,8 проценти. Во исто време, за истиот таков депозит во евра, каматите најчесто не преминуваат преку 1,2 до 2 проценти.

За да сфатите колку е голема таа разлика во реалниот семеен буџет, доволно е да се пресмета приносот на просечен заштеден износ од околу 10.000 евра. Доколку оваа сума ја oрoчите во домашна валута со просечна камата од 3,5 проценти, за една година ќе остварите околу 21.500 денари чиста добивка. Доколку истите пари ги оставите орочени во евра со камата од 1,5 проценти, банката по една година ќе ви исплати малку над 9.000 денари. Разликата е очигледна – денарското штедење во овој момент носи над 12.000 денари повеќе за ист временски период.

Сепак, најголемиот финансиски пропуст што го прават македонските граѓани не е изборот меѓу денарот и еврото, туку таканаречената „трансакциска замка“. Податоците на централната банка покажуваат дека дури една третина од вкупните заштеди на населението лежат на обични трансакциски сметки или на депозити по видување.

На овие сметки најголемата каматната стапка е симболични 0,01 процент. Тоа значи дека ако на вашата трансакциска сметка чувате залиха од 300.000 денари за неочекувани трошоци, банката за цела година ќе ви исплати камата од едвај 30 денари. Во меѓувреме, дури и со умерена инфлација од 3 проценти, таа иста сума за една година ќе изгуби околу 9.000 денари од својата куповна моќ. Во пракса, парите што стојат неорочени не ја чуваат својата вредност, туку од месец во месец реално се намалуваат.

Експертите од банкарскиот сектор посочуваат дека доколку планирате да ги орочите вашите заштеди, сега е вистинскиот момент за заклучување на каматните стапки. Со оглед на најавите дека централните банки во Европа и кај нас постепено ќе започнат со намалување на базичните камати, долгорочните депозити со фиксна каматна стапка на 24 или 36 месеци овозможуваат да си го осигурите високиот принос пред тој да започне да паѓа на пазарот.

На крајот, заклучокот за секое семејство е едноставен, односно вишокот пари што не ви се потребни за секојдневните трошоци во тековниот месец не треба да стојат на трансакциска сметка. Искористувањето на премијата што ја нуди денарското штедење со фиксна камата е најлесниот начин да го заштитите и да го зголемите капитал што со години сте го создавале.